Британците почнаа да шмркаат „етички“ кокаин

Како што има кафе и какао со „етичко потекло“ така сега на побогатите Британци им се нуди и еколошки кокаин со етичко потекло кој треба да им ги отстрани сите двојби дека грешат нешто.

Ветувањето е дека овој кокаин е добиен на еколошки начин и без човечки жртви, што е исто како на некого да му понудиш свинска кременадла добиена без колење свињи.

Со етикетата етички ем еколошки доаѓа и повисока цена, па овој кокаин се продава за 280 долари за грам.

Привлечноста на понуда е што таа одлично легнува на животниот стил на побогатата класа за која опцијата да се плати поскапо за нешто што е органско, веганско и етичко е контратежа на сите проблеми на општеството.

Наспроти вака спакуваните ветувања се луѓето од теренот како колумбиската хуманитарна работничка Бибиана Вилота, која објаснува:

„Не сум слушнала за овој кокаин ама можам да ви кажам дека никој во Колумбија не произведува кокаин 'етички'.

Трговијата неизбежно вклучува крвопролевање, дестабилизација на заедниците и ужасен круг на насилство. Ако побарувачката се зголеми, истото важи и за производството и кругот на уништување продолжува. Тоа што го нарекувате кокаин добиен од фер трговија само ќе донесе повеќе алчност и крвопролевање.“

За етичкиот кокаин зборуваат и британски експерти за наркотици кои тврдат дека виделе реклами за овој тип на кокаин, ама и тие се на став дека сè ова е само одлична измама која успева затоа што корисниците сакаат шмркаат без притоа да мислат на целата смрт, крвопролевање и уништување кое стои зад нивната линија бело.

Годишната продажба на кокаин во Британија достигнува речиси 5 милијарди долари.

13 јули 2021 - 17:04