Америка е дадена на коцка

Приходите од коцкањето ги достигнуваат комбинираните приходи од филмовите, музиката и книгите. Постојат играчи кои играат на сигурно, но, тоа не сте вие, без разлика дали се браните со второто ливче.

Коцкањето стана едно од дефинирачките задоволства на нашето време, совршен компањон во ерата на високи ризици,  зарибани економии и неизбежно чувство на некаков голем колапс кој виси во воздухот. Порано беше Лас Вегас; сега Лас Вегас има во секој телефон.

Кај нас можете да се кладите на трки со кучиња или на Евровизија (или да го погодите составот на парламентот и да добиете прасе). Во Америка може да се обложува на речиси сè, на книжевни награди, на највисоките температури во поголемите градови или пак на тоа колку снег ќе падне наредните денови.

Коцкањето е правење забава од несигурноста, начин нестабилноста да се претвори во игра, илузија дека структурите на животот не важат за вас, дека сте ослободени од статистиката. Тоа е и начин да се избегне реалноста, да се избегне иднината. Додека судијата не отсвири крај, вашата игра сè уште не е изгубена. 

Во свет во кој криптовалутата на Сквид гејм успеа да згрне инвестиции од 3 милиони долари во само едно попладне, да изгубиш пеевче на спортска се чини како најбанален зијан.

Американската Пандорина кутија беше отворена (проширена, би рекол ЗЗ) во 2018 година кога онлајн обложувањето беше дозволено во 21 сојузна држава. Како директен резултат на тоа, приходите од спортско обложување пораснаа за 69 отсто следната година и уште 270 отсто само во текот на првиот квартал од 2021 година. Вкупните приходи од коцкање во САД оваа година ќе надминат 44 милијарди долари, приближувајќи се до големината на пазарот на филмови, книги и музика - заедно!

За општеството како целина, ако веќе постои такво нешто, постои и ќар и зијан од легалното коцкање. Ќарот се многу пари, и за државните буџети и за вклучените бизниси. Зијанот е онаа маса на изгорени луѓе кои стануваат товар и за себе и за околината. Но, државите главно ја прифаќаат таа трампа - големи пари сега, за социјална криза подоцна.

Досега паднаа прохибициите за алкохол, забраната за порнографија и марихуана. Легализацијата на сексуалната работа и декриминализацијата на тешките дроги допрва следуваат. Либерализацијата беше бавна, но константна, затоа што двете страни од политичкиот спектар, се согласуваат во основниот принцип: извадете ја државата од равенката. Левите ја сакаат државата надвор од приватниот живот на луѓето, десните ја сакаат надвор од нивните финансиски животи.

Меѓутоа, забраната за коцкање беше повеќе од обична забрана на една форма на задоволство; тоа беше и регулирање на предаторската економска логика. Забраната за спортско коцкање беше и за задржување на чистотата на играта.

До пред само неколку години, за спортски коментатори на големи медиуми беше нечуено да спомне коцкање. Сега е нормално да се збрува за шансите. Чарлс Баркли од ТНТ има договор со FanDuel. Џејлен Роуз од ЕСПН има договор со BetMGM. Фокс има своја платформа за обложување, Фокс Бет. Дизни има удел во DraftKings и бара други опции за да го зголеми својот удел на пазарот.

Коцкањето сега е цврсто вметнато во спортската матрица. Истите компании го поседуваат правото на пренос на игрите, спортското новинарство и обложувалниците за тие игри.

Е, тоа се вика да се игра на сигурно.

 

29 ноември 2021 - 08:13