Истражувачите во лабораторијата на биохемискиот инженер Анкур Гупта сконтале како ситните наелектризирани честички, наречени јони, се движат во сложена мрежа од ситни пори, откритие што би можело да го отвори патот за развој на поефикасни уреди за складирање енергија.
„Со оглед на клучната улога на енергијата во иднината на планетата, бев инспириран да го применам моето знаење од хемискиот инженеринг за унапредување на уредите за складирање енергија. Се чинеше дека темата е недоволно истражена и како таква беше совршена шанса,“ вели Гупта.
Објаснува дека неколку хемиски инженерски техники, кои вообичаено се користат за проучување на протокот во порозни материјали како што се резервоари за нафта и системи за филтрирање на вода, не биле доволно искористени во системи за складирање енергија.
Импликациите од откритието се огромни бидејќи ефикасното складирање енергија е од клучно значење не само за возилата и електронските уреди туку и за електричните мрежи. Ним им треба ефикасно складирање за да се менаџираат пиковите во понудата и потрошувачката, особено кога се работи за обновливи извори на енергија кои варираат од временските услови и делот на денот.
Суперкондензаторите, кои се уреди за складирање енергија кои се потпираат на акумулација на јони во нивните пори, имаат брзо време на полнење и подолг животен век во споредба со традиционалните батерии.
„Примарната привлечност на суперкондензаторите лежи во нивната брзина“, вели Гупта. „Како можеме да го направиме нивното полнење и ослободување на енергија побрзо? Со поефикасно движење на јоните“.
Новите наоди ги предизвикуваат и старите Кирхофови закони за струјното коло. Истражувањето на Гупта покажува дека Кирхоф не ги опишува целосно движењата на јоните во сложени порозни мрежи.
„Ја најдовме алката која недостасуваше!“ оптимистички заклучува Гупта.