Реизборот на Доналд Трамп доведе до очекувани јавни хистерии на низа разгалени селебритија, активисти и медиумски работници.
Некои од нив уште не можат да се соземат. Погледнете го нервниот слом кој пред камери го доживеа Рејчел Медоу од MSNBC.
Но, едно се тие, Сајентифик американ би требало да е сосема друга лига. Mагазинот се печати од 1845 година, во него свои текстови имале Ајнштајн и Тесла, како и над 150 Нобеловци од разни области.
Па сепак, нивната доскорешна главна уредничка, после победата на Трамп, во налет на бес, на Блускај им се извини на младите генерации што нејзината генерација е толку полна со фашисти.
По бурните реакции, Лаура Хелмут си даде оставка после 4,5 години на функцијата, но нејзиниот бес не беше осамена „жута минута.“
Последниве неколку години широко почитуваната публикација прифати секакви идеолошки трендови, притоа честопати исфрлувајќи ја науката. Сајентифик американ стана страсен навивач за родовата идеологија, движењето Black Lives Matter и доминантниот наратив околу ковидот. Овој тренд дури ѝ претходи на доаѓањето на Хелмут на уредничката фотелја.
Во јуни 2019 година објавија статија на „трансродова небинарна жена“, која тврдеше дека „вистинските истражувања“ покажуваат дека „сексот е сè, само не е бинарен“ и дека „биолошкиот секс е многу покомплициран од XX или YY“. По неа, повикувањето на хромозоми е „заморно поедноставување“. Непотребно е да се каже дека не постои научна основа за такво чудно, идеолошки водено тврдење. Сексуалниот диморфизам кај луѓето е научен факт. И ниту една количина на хормони или операција не може да промени нечиј биолошки пол.
Една година подоцна, објавија некритичко интервју со Ши Женгли, виш виролог во Институтот за вирологија во Вухан и водечки истражувач за коронавируси на лилјаци. Очекувано, таа ја отфрли можноста ковид да потекнува од лабораторија. Следните две години, магазинот ја исмејуваше „теоријата за истекување од лабораторија“ како „теорија на заговор“, поттикната од „анксиозноста“ поради „подемот на Кина“.
Ова тврдење не остаре добро. Неодамнешните сослушувања за потеклото на болеста открија дека и самата Ши била загрижена за опасностите што ги предизвикува на специфичните истражувања во институтот во Вухан (види и: Не, уште немаме расчистено за потеклото на ковидот.)
Со сите овие примери, јасно е дека веќе долго време, Scientific American само ги зајакнува догмите на новото свештенство, наместо да ги подложи на сериозно научно истражување. Тоа ја потврдува неодамнешната опсервација на инвеститорот од Силициумската долина, Питер Тиел, дека науката денес стана „догматска како Католичката црква во 17 век“.
„Научниот метод е едно од најголемите интелектуални достигнувања на просветителството. Таа служеше како моќна противтежа на религиозната доктрина. Ни овозможи да стекнеме подлабоко разбирање за природниот свет и реалноста во која живееме. Науката го заслужува својот престиж и сета доверба што луѓето ја даваат во нејзините методи. Меѓутоа, за жал, институциите што треба да го бранат не останаа имуни на некои од најдогматските движења на нашето време. Не треба да дозволиме овој тип на реакционерно размислување да поткопа половина милениум напредок и слободна мисла“, пишува Кендис Холтсворт.