Во 2013 пишувавме за тоа дека научниците од Кембриџ успеале да ги сместат сите 154 сонети на Шекспир во човечка ДНК . Потоа за тоа дека истото, само со „Војна и мир“ го направиле од Мајкрософт. А во 2018 Масив атак издадоа албум во досега невиден формат - енкодиран во нишки синтетичка дезоксирибонуклеинска киселина.
Но ДНК не е единствената молекула која може да се користи за дигитално складирање. Изгледа дека раствори кои содржат шеќери, амино киселини и други мали молекули можат исто така да ги заменат хард дисковите.
Џејкоб Розенштајн и неговите колеги од Универзитетот Браун на Роуд Ајленд складирале и извлекле слики од египетска мачка, козорог и сидро користејќи токму вакви мали молекули. Тие велат дека на овој начин може да се добие складишен простор кој е помалку подложен на хакирање и дека тој би можел да функционира и во поекстремни надворешни услови.
За да се тестира претпоставката дека и во помали и поедноставни молекули исто така може да се вградат апстрактни информации, тие создале мешавина од вообичаени метаболити, кои луѓето и други живи организми ги користат за да сварат храна и да изведуваат други значајни хемиски функции. Нивната идеја било да се искористи присуството или отсуството на специфични метаболити во мешавините како бинарни единици и нули кои би ја енкодирале дигиталната информација.
На пример, за да се генерира сликата на козорогот, тимот користел мешавина на шест различни метаболити нанесени во форма на точки (капки) на плоча од страна на роботи тренирани за прецизно ракување со течности. Тие произвеле вкупно 1024 точки, а внатре секоја точка шесте метаболити биле или отсутни или присутни, обезбедувајќи доволно бинарни информации за да ја вградат сликата од 6.142 пиксела.
Розенштајн и неговите колеги потоа можеле да ги извлечат податоците со 99% точност. Ова го направиле со користење голем спектрометар за анализа на хемиската мешавина внатре секоја точка. Тие исто така направиле и слика со уште повисока резолуција, од мачка во египетска гробница, користејќи мешавина од 12 метаболити. Физичката големина на складишните уреди можат да бидат и поголеми и помали, во зависност од потребите.
Метаболитните молекули се многу помали од ДНК и протеините, и постои широк спектар од нив. Ова значи дека тие можат многу погусто да складираат податоци во споредба со ДНК. Податоците пак можат да траат со месеци па и со години. Всушност молекуларната меморија може да е многу постабилна од електронската во услови како екстремни температури, притисок и механички сили. Освен тоа, молекуларното складирање не зависи од поврзаноста со некаков „облак“ онлајн, па оттаму е отпорно на хакирање.
Спонзор на истражувањето бил секторoт ДАРПА на министерство за одбрана на САД.