
Гринфилд во писмо до потрошувачите порача дека повеќе не може „со чиста совест да остане вклучен во „замолкнат“ бизнис, и покрај тоа што во договорот за спојување со Унилевер од 2000 година се гарантира заштита на социјалната мисија на брендот.
Таа независност постоеше во голем дел поради уникатниот договор за спојување. Длабоко разочарување е да се заклучи дека таа независност, која беше основа на нашата продажба, веќе е исчезната, порача Гринфилд.
Со договорот со Унилевер, Бен и Џери се откажаа од контролата на работењето на компанијата, но останаа вработени за да ја спроведат својата мисија на социјален активизам, на која останаа посветени уште од 1978 година, кога со камиончиња продаваа сладоледи низ Вермонт.
Спорот со Унилевер почна во 2021 година, кога Ben & Jerry’s во протест против израелската политика против Палестинците, објавија дека повеќе нема да продаваат сладолед на окупираните територии во Западниот Брег.
Независниот одбор за заштита на вредностите на брендот покрена и тужба против Унилевер за кршење на договорот за спојување. Сето тоа му создаде финансиски штети на Унилевер.
Тврдат дека веруваат во социјалната мисија на Ben & Jerry’s, но ја попречуваат, изјави Коен.
Основачите објавија дека привлекле доволно инвеститори „што веруваат во нивната социјална мисија“ за да го откупат својот бренд, но Унилевер одбива да го продаде.
Бен и Џери во мај годинава повторно ја разбрануваа јавноста кога го обвинија Израел дека врши геноцид во Газа.
Ben & Jerry’s верува во човековите права и се залага за мир. Им се придружуваме на оние од целиот свет што го осудуваат геноцидот во Газа и го креваат својот глас, од потписници на петиции до демонстранти по улиците, кои ризикуваат да бидат уапсени. Кога човештвото е во прашање, тишината не е опција. Сега е време да се каже вистината, соопшти компанијата.
Бен Коен беше приведен откако од галеријата во Конгресот на САД ги повикуваше сенаторите да го прекинат геноцидот во Газа. Извикуваше дека американската влада со продажбата оружје на Израел убива палестински деца.
Својот став го објасни во ток-шоуто на Такер Карлсон.
Постои некаков чуден однос меѓу Израел и САД. Израел сега ги има САД за да го снабдуваат со оружје за неговиот геноцид. И слушам дека Израел сака некаков концепт за поголем Израел, изјави Коен.