Професорот по комуникација на Станфорд и автор на книгата "The Man Who Lied to His Laptop," Клифорд Нас, објаснува дека најдобрите 25% од студентите (на Станфорд) користат 4 или повеќе медиуми во секое време. На пример пишуваат семинарска, во исто време се на Фејсбук, слушаат музика, твитаат и праќаат пораки. Што до сега никогаш не било случај.
"Истражувањата се речиси едногласни, што е ретко во социјалните науки, и тие велат дека луѓето кои хронично практикуваат на мултитаскинг покажуваат голем опсег на недостатоци. Во основа тие се ужасни во секакви видови на когнитивни задачи, вклучувајќи го и мултитаскингот. Истражував луѓе кои велат дека се најдобри во мултитаскинг бидејќи цело време го прават тоа. Тоа малку наликува на пушење, како да велиш - јас пушам цело време, па пушењето не може да биде штетно за мене. За жал работите не функционираат на тој начин."
Нас објаснува дека преку тестовите може да направи поделба на луѓе кои цело време и луѓе кои ретко практикуваат мултитаскинг.
"Разликите се неверојатни. Првите не можат да ги филтрираат неважните работи. Тие не можат да ја контролираат својата работна меморија. Тие се хронично деконцентрирани. Тие активираат многу поголеми делови од мозокот кои се нерелевантни за задачата што треба да ја завршат. Тие дури се лоши и во мултитаскингот. Во основа тие се ментален крш."
Проблемот е што овие луѓе мислат дека дури и се попродуктивни. Тие во основа мислат дека ако сакаат можат да прекинат со мултитаскинг кога тоа им е потребно. Како пример тој го наведува возењето автомобил и зборувањето на телефон, ситуација која речиси никој не може да ја владее и во која возењето од примарна задача на мозокот станува секундарна за сметка на зборувањето / пишувањето на телефон.
"Луѓето со кои зборувавме постојано ни велеа - гледај, кога стварно треба да се концентрирам, гасам сè и сум фокусиран како ласер. За жал, тие во мозокот имаат развиено навики заради кои е невозможно да се толку фокусирани. Тие се навлечени на не релевантност. Тие едноставно не можат да се задржат на една задача."
Професорот не верува и дека луѓето воопшто можат да се "тренираат" да бидат добри во мултитаскинг во некое поле, и тоа допрва треба да се истражува.
"Има некои докази дека постои многу, многу многу, многу мала група на луѓе кои можат во исто време да прават две работи, меѓутоа никаде не постои доказ дека кој било може во исто време да прави три работи."