Како Галилеј се обидел да се извади на „фејк њуз“

Новооткриени писма напишани од Галилеј го покажуваат обидот на научникот да ја откачи инквизицијата или ако ништо друго барем да ја одоброволи во однос на неговиот случај.

Кога во 1613 Галилеј го објавува своето писмо во кое го брани тврдењето на Коперник дека Земјата и другите планети вртат околу сонцето, италијанскиот научник директно се судира со учењето на тогаш премоќната католичка црква, која тврди дека Земјата, а не Сонцето е центарот на Универзумот.

Спорното писмо Галилеј го пишува до својот пријател и математичар Бенедето Кастели, и иако тоа никогаш не е официјално публикувано, тоа почнува масовно да се шири. Една верзија од него доаѓа и до католичката црква, што подоцна е основа за сите проблеми што ќе го спопаднат Галилеј.

Според новооткриените докази, знаејќи ја неразумноста на црквата, Галилеј решава да напише уште едно писмо кое е повнимателна верзија на она што му го има испратено на Кастели. Разводнетата верзија тој се обидува преку пријателски настроени свештеници да ја испрати до Ватикан, со порака дека писмото што тие таму го имаат е модификувано од неговите непријатели во црквата со цел да му наштетат.

„Во еден случај Галилеј за одредени натписи во Библијата пишува дека се ’погрешни доколку човек ги гледа според буквалното значење на овие зборови’. Тој потоа го прешкртува зборот ’погрешни’ и го заменува со ’изгледаат поинакви од вистината’,“ објаснуваат луѓето кои ја откриваат модификуваната верзија.

Сепак овие обиди на Галилеј остануваат без резултати и во 1616 Инквизицијата му наредува на Галилеј да се откаже од својата одбрана на хелиоцентричниот модел.

16 години подоцна Галилеј го објавува „Дијалогот“ во кој ги споредува доказите за системот предложен од Коперник, спроти она што го тврди црквата. Овој пат минува многу полошо и во 1633 е обвинет за „силни сомневања за ерес“. Ова завршува со негов куќен притвор кој трае 9 години, се до неговата смрт.  

24 септември 2018 - 14:44