
Анализа на податоци од работата на Големиот хадронски колајдер (LHC) на Европскиот институт за јадрени истражувања покажала дека при експериментално судирање на честички на олово со брзина блиска до онаа на светлината биле создадени атоми на злато. Тоа значи дека средновековните алхемичари теоретски биле во право кога се обидувале да претворат евтино олово во многу поскапоцен метал.
Алхемичарите ја претпоставиле врската со набљудување. Оловото, кое е релативно изобилно во природата, има слична густина со златото, кое е поретко и многу повредно. Еден милениум подоцна физиката потврдила дека тешките елементи може да се трансформираат во други со природно радиоактивно распаѓање или во лабораториски услови, со бомбардирање од неутрони или протони. На овој начин веќе е создадено вештачко злато.
Проектот ALICE сега ја измерил трансмутацијата на олово во злато со нов механизам на судири во LHC. Интеракцијата на фотон со јадрото на олово со 82 протони ги возбудува осцилациите на неговата внатрешна структура, што резултира со исфрлање на мал број на неутрони и протони. За да се создаде злато (со јадро со 79 протони), мора од оловото да се отстранат три протони.
Многу почесто се создаваат талиум или жива, но анализата покажува дека LHC моментално произведува по околу 89.000 јадра на злато во секунда. Тие брзо се фрагментираат и се губат во дел од секундата.
Анализата на ALICE покажува дека за време на вториот циклус на LHC (од 2015 до 2018 година), биле создадени околу 86 милијарди златни јадра со вкупна маса од само 29 пикограми (0,000000000029 грама). Во третиот циклус биле произведени двојно повеќе, но далеку од доволно за да забележлат алхемичарите.
Сепак за физичарите тоа е од голема вредност.
Резултатите ги тестираат и ги подобруваат теоретските модели на електромагнетна дисоцијација што се користат за да ги разбереме и предвидиме загубите на зракот, што е главно ограничување на капацитетите на колајдерот, објаснува Џон Џовет од проектот ALICE.