Нетанјаху прифаќа амнестија за Хамас

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху прв пат ја прифаќа идејата за амнестија на терористите од Хамас, ако ги ослободат израелските заложници и заминат од Газа. Досега инсистираше на целосно уништување на Хамас и ликвидирање на лидерите. Новиот американски план предвидува и воспоставување палестинска држава. Но, за да има мир планот треба да биде прифатен и од Хамас.

Ако лидерите на Хамас ја завршат војната, ако го ослободат сите живи заложници и ако сакаат да ја напуштат Газа, ние ќе ги пуштиме, изјави Нетанјаху во интервју за Фокс њуз, коментирајќи го новиот американски план со 21 точка за крај на војната и пат кон идна палестинска држава.

Според американскиот план, откако ќе бидат ослободени заложниците, членовите на Хамас кои ќе се обврзат на мирен соживот ќе добијат амнестија, а оние што сакаат да ја напуштат Газа ќе добијат безбеден премин во трети земји. Формирањето на идна палестинска држава ќе зависи од обновата на Газа и реформата на Палестинската самоуправа. За оваа точка, на која Нетанјаху категорично се противеше, денеска ќе разговара со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа. 

Планот што го изработил специјалниот претставник Стив Виткоф експлицитно предвидува Палестинците да останат во Газа. Тоа е големо отстапување од ставот на Трамп во февруари, кога бараше Палестинците да се иселат додека САД ги расчистуваат урнатините и ја обновуваат Газа во ривиера.

Вашингтон прифаќа и воспоставување привремена транзициска управа во Газа, која би требала да обезбеди услови да ѝ ја предаде власта на Палестинската самоуправа. Ова е слично на планот што го претстави поранешниот британски премиер Тони Блер, со намера тој лично да биде администратор во преодниот период.

Реформирана Палестинска самоуправа што целосно ги менува своите линии, што ја прифаќа еврејската држава, што ги учи своите деца да прифатат соживот... Некои веруваат дека тоа ќе се случи. Јас не мислам дека ќе се случи. Ако сето тоа се сврти наопаку... па, со среќа, изјави Нетанјаху.

Иако Трамп ја осуди одлуката на низа европски земји да ја признаат Палестина, во новиот план се предвидува долгорочно мировно решение преку принципот „две држави“. Нетанјаху ова го одби во обраќањето пред Генералното собрание на ОН пред неколку дена.

Давањето држава на Палестинците на една милја од Ерусалим по 7 октомври е како ѝ дадете држава на Ал каеда на една милја од Њујорк по 11 септември. Ова е чиста лудост и ние нема да го сториме тоа“, изјави Нетанјаху пред ОН.

Трамп, сепак, е убеден дека Нетанјаху ќе го прифати планот во целост, вклучувајќи ја и точката 20, која гласи: „Кога ќе напредува обновата на Газа и ќе се спроведе програмата за реформи на Палестинската самоуправа, може да се создадат услови за кредибилен пат кон палестинска државност, што е признато како аспирација на палестинскиот народ“. (Целиот план тука)

Спроведувањето на планот сепак ќе зависи и од Хамас. Терористичката група соопшти дека не добила никаков нов предлог. Израелски функционери тврдат дека Хамас ќе ја отфрли и оваа иницијатива.

Еден образец што го знаеме како типичен во последните неколку децении е тоа што Америка преговара со Израел, само за подоцна да открие дека Палестинците се исчезнати во акција, дека ги нема никаде и дека нема да има никакво „да“ во иднина, изјави израелскиот пратеник Елија Вилф.

29 септември 2025 - 08:04