Хрватите за десет години го дуплирале своето богатство

За само десет години, хрватските домаќинства го удвоиле своето финансиско богатство, а најголемиот раст се случил минатата година. Структурата на заштедите на граѓаните исто така се има променето - хрватските граѓани сè повеќе инвестираат во хартии од вредност, а сè помалку пари чуваат на банкарски сметки.

Просечните финансиски средства по глава на жител во Хрватска се зголемиле од околу 13.000 евра во 2015 година на приближно 27.000 евра по глава на жител во 2024 година, покажува редовниот извештај за глобалното богатство на „Алијанц“.

Само минатата година, бруто-финансиските средства на хрватските домаќинства се зголемиле за 9,9 проценти. Со нето-финансиски средства од 19.950 евра по глава на жител во 2024 година, Хрватска е на 31-то место на глобалната ранг-листа на најбогатите земји, предводена од САД.

Ланското зголемување на личното богатство за речиси десет проценти е над глобалната стапка на раст од 8,7 проценти, а особено над стапката на раст на богатството во земјите од Европската Унија од околу три до четири проценти.

Штедливите Германци минатата година ги зголемиле своите нето-финансиски средства за околу 9,6 проценти и се рангирани на 13-то место во светот по нето-финансиски средства по глава на жител, со просек од околу 86.800 евра по човек.

Во Југоисточна Европа, вклучувајќи го и Балканот, стапката на раст била и повисока, од осум до 12 проценти а Македонија бележи постепен раст на финансиските индикатори и банкарската ликвидност. Во услови на конзервативни вложувања (со поголем дел од средствата во депозити наместо во акции или фондови), потребно е поголемо интензивирање на инвестициите за забрзување на економскиот развој и зголемување на личното богатство на домаќинствата.

Таков е горе-долу целиот моментален финансиски пејзаж на Балканот. Има стабилен раст но за стигнување на побогатите треба галоп а не каскање. 

29 септември 2025 - 13:04