Почина Јадранка Стојаковиќ:

Сè можевме ние, подолг да беше денот

За генерациите растени на Азра, Шарло или Булдожер, музиката на Јадранка Стојаковиќ повлекуваше едно прашање: "Како можат луѓе ова да слушаат?" Пар децении подоцна, истите генерации почнаа да се прашуваат: "Како можевме да бидеме толку глуви за ова на времето?" Јадранка Стојаковиќ почина на 66 години од животот во старечки дом во Босна.

Последните неколку години Стојаковиќ живееше во страречки дом во Бања Лука, борејќи се со мултиплекс склероза. Проблемите кои настануваат после еден нејзин пад на сцената во 2009-та година ја оддалечуваат од музиката и настапите бидејќи почнува полека да се гаси како свеќа, губејќи ги и моторните функции и гласот. 

Долги години Стојаковиќ живееше во Јапонија, бавејќи се со сликарство и музика.

"Не можам веќе да свирам но често сонувам музика. Цeлиот живот сум со неа и како да имам концерти кога спијам. Сè уште можам да ја почуствувам, сè уште можам да ја слушнам," изјави пред некое време кантавторката со препознатлив емотивен ракопис.

За жал, денот никогаш не трае доволно.

4 мај 2016 - 09:19