Нирваната пред години

Oна што остана од Нирвана, тапанарот Дејв Грол и басистот Крист Новоселиќ, во интервју се отворија во врска со правењето на In Utero - времето кога биле само деца во студио, снимајќи го она што ќе стане последен студиски албум на нивната група.

НПР: Голем број луѓе не знаат што подразбира снимањето и техниката, прашањето е што е толку сложено во врска со тоа да се затвори бенд во една просторија и да се сними? Секако има различни проблеми кога сите се во иста соба. Дали е тоа најголемиот проблем со кој се соочуваат тонските инженери?

Грол: Така е. Мислам, зависи од тоа што сакаш да направиш. Но вревата што ја направивме во таа соба, издвоеноста и изолацијата, сето тоа вообичаено е добра идеја. Се сеќавам дека таа просторија беше многу убаво место да се снима. Ако сте виделе слики од студиото или од куќата, сигурен сум дека ќе помислевте дека тоа е фино место да се мине летниот одмор. За жал, ние бевме таму во февруари. Се наоѓа во близина на Минеаполис. Температурата беше под нулата, арктичка. Но, просторијата каде снимавме, звучеше толку добро што беше пријатно. Се сеќавам како седам на тапаните, Курт на мојата лева страна а Крист на десната, бевме добро изолирани и снимавме во живо.

Новоселиќ: Снимивме и измиксавме за само две недели. Иако истовремено и малку лешкаревме. Но, бевме одлично подготвени. Развивме супер работна етика. Многу пробавме. Влегувавме и ги пукавме песните од прва, најмногу во два или три обида.

Грол: Она што вообичаено се прави, ги снимаш основните траки, потоа има преснимувања, додавања, па така основната трака се снимаше со Курт, Крист и мене во истата соба. Од прва ги снимавме гитарата, басот и тапаните. Потоа одевме на следната песна. Откако ги завршивме 13-те основни траки, им се навраќавме, ги слушавме и размислувавме, „Дали на оваа ѝ треба дополнителен гитарски дел? Дали на онаа ѝ требаат перкусии?" И потоа работите се преработуваа, ако мислиш дека на нешто му треба поправка, тоа и го правевме. Но, кога снимаш со Стив (Албини), секогаш има минимален „овердаб" и поправки, па речиси и да нема перкусии или нешто слично на плочата. Тоа е навистина едноставна снимка. Па така работата е само Курт да почне да пее и да ги вметне хармониите. Не знам ни дали ги имаше сите стихови. Се сеќавам дека имаше денови во кои ништо не се случуваше со часови, а тој само седеше, чекаше нешто да дојде, кој знае што. (..) Се сеќавам дека во студиото имаше нешто со кое ги чистеа главите на апаратите, како чист алкохол и неверојатно запаллив. Почнавме да правиме глупости, го истуравме на нечии нозе и му ги палевме, или пак го истуравме на чизмите. Јас си истурив врз глава.

Новоселиќ: Цимбали што горат се многу кул.

Грол: Знаете на што се сеќавам? Имаше една чорапа што Стив ја наполни со пире од компир што го јадевме за вечера. Се зезавме со неа - јас му ја ставив еднаш ноќе под перница, а еднаш таа заврши на моето тапанарско столче.

Новоселиќ: Бљак.

Грол: И кога стигнав дома, си го отворив куферот, и чорапата со пире беше внатре.

НПР: Дали имаше многу дрога и алкохол во студиото?

Новоселиќ: Не, не! Не се сеќавам ни на пиво, ни на трева. Ништо.

Грол: Јас престанав да дувам во 1990. Бев трезно момче. Плус, каде по ѓаволите ќе најдеш трева среде зима надвор од Минеаполис? Не снимавме во Таф Гонг! Мислам, бевме фокусирани, тоа е чудното. Можеби репутацијата која ја има Нирвана е дека ние бевме три Сид Вишуса, Вишуси.. како и да гласи множината.

Новоселиќ: Имаше некаков вид семејна атмосфера.

Грол: Ха!

Новоселиќ: Кортни (жена му на Курт) дојде со нивната ќерка Франсис. Сакаше да ја надополни семејната атмосфера и рече дека сака да ни испече нешто за јадење. И ние ко „О, не!". Мислам дека го исклучивме шпоретот од струја и рековме дека е расипан. Демек: „Ех, не работи шпоретот, штета!"

Целото тука

21 септември 2013 - 12:26