Зошто медиумите не можат да се одбранат од Трамп

Наместо да очекуваат сочувство од јавноста и да се вџашуваат од секој потег од лидерот на американската нација, медиумите треба да работат на уверување на јавноста дека реториката на Трамп е штетна и за нејзе.

Процената е дека "супер-моќта" на Доналд Трамп е наоѓање слаби противници. Тоа му успева кога им се намерачува на нелегалните мигранти, па потоа кога еден по еден ги покосува сите етаблирани републикански кандидати за претседател, за на крај врвот да го достигне во битката против Хилари Клинтон "која излезе, дека е осетно слаб демократски кандидат".

"Сега дојде ред на медиумите. Иако тој е во борба со медиумите уште од почетокот на својата кампања, претседателот неодамна ја издигна својата караница преку напади на Мика Брзезински и Сиенен кои ја шокираа јавноста. Новинарите, разбирливо, се преплашени, но општата реакција од печатот е поверојатно дека ќе го охрабри Трамп наместо да ја собере јавноста против неговото однесување.

... Меѓутоа, најдобар начин да се одговори на ова е да му се даде посилен аргумент на американскиот народ за тоа зошто нападите од Трамп се неприфатливи, наместо да се очекува тоа да биде очигледно, или да се надеваш дека сожалувањето или сочувството ќе предизвикаат јавна поддршка.

Наместо да се објаснува зошто тоа што претседателот ги напаѓа медиумите е лошо за медиумите, самите медиуми треба да се обраќаат на интересот на јавноста и да објаснат зошто тоа е лошо за нејзе," пишува Дејвид Грем во Атлантик.

Во ваквата пресметка на Грем влегува и тоа што иако јавноста не му дава поддршка на Трамп, истата јавност нема некое повисоко мислење и за медиумите. Според анкети само една-третина од Американците им веруваат на медиумите, две-третини веруваат дека медиумите се политички пристрасни, а за 45% медиумите ги злоупотребуваат правата од Првиот амандман.

Она што моментално му успева на Трамп е да го искористи тоа што тој е веројатно најнапаѓаниот и најнеомилениот претседател меѓу медиумите, и освен времето што го добива тој се постави и како жртва во целата работа.

Па така, откако Трамп ја објави монтажата како го треска Сиенен од земја тој беше дочекан на готовс од медиумите, со сосема исправни забелешки "претседателот поттикнува насилство против медиумите", "ова не му е прв пат", "наместо да се подготвува за средбата со Путин или да ја решава Северна Кореја, он се однесува како дете и е си ја работи својата работа".

Проблемот е што, како што објаснува Грем, иако сето ова е точно, "на која цел и служат овие забелешки? Тие само ја поддржуваат позицијата на Трамп - и многумина негови симпатизери - дека медиумите се во лов на него и го гледаат како непријател".

Како што забележува Грем секој што влегол во новинарска професија и очекува власта да биде добра со него ја згрешил кариерата. Меѓутоа проблемот со нападите од Трамп е дека тие "се закануваат дека ќе ја поткопаат јавната доверба во работата на новинарите, и нивната способност да собираат и пренесуваат информации на независна основа."

"Нема зошто да се пробува јавноста да ги засака новинарите, уште помалку да ги сожалува. Она што е важно е да се убеди јавноста дека новинарите вредат да бидат толерирани, затоа што тоа е клучниот гарант на слободите на јавноста. Иронијата е дека никој не ја разбира корисноста на слободниот печат како Доналд Трамп.

Дури и додека хушкаше против новинари на своите митинзи, кандидатот сосема добро знаеше дека неговата способност да ги игра весниците и телевизиите ја издигна неговата осредна бизнис кариера во светски позната, а неговите речиси никакви шанси за кандидатура во претседателска победа," пишува Грем.

4 јули 2017 - 11:21