„4 часот наутро е, ова е првиот ден од мојот живот како обвинет предатор во универзумот на американското новинарство.
Лут сум, повреден и исклучен од последниот пасаж од мојот живот и кариера, која беше мешавина од пишано и бродкаст новинарство, филантропија и учество во општествени и еколошки каузи кои секогаш му даваа дополнителна смисла на мојот живот. Наместо тоа се соочив со неправда од поранешна колешка која е гневна затоа што не успеа во својата потрага по слава“.
Ова на своите пријатели и соработници им го пишал 78 годишниот Том Брокоу, едно од најпознатите лица на американското тв новинарство и еден од обвинетите, посрамотени и „расчинети“ сексуални насилници во бранот #МеТоо.
Неговиот Салиери е Линда Вестер, екс дописничка на на НБЦ и Фокс која после 20 години од настаните, за Варајети раскажа дека и таа била жртва на сексуално вознемирување. Во два наврата, кога Брокоу ѝ предложил да имаат афера (ок, и?) а пробал и да изнуди бакнеж (ок, стрелајте го). И дека после тоа, „со години страдала од пониженост и изолација“.
Брокоу ги негира обвинувањата на Вестер на која после НБЦ ѝ помогнал да ја примат во Фокс. Никому не предлагал афери а „изнудувањето“ било бакнеж за лека ноќ во образ.
„Можеше да дигне телефон и да ми каже: Сакам да разговараме, уште имам проблеми со тие две средби од пред 20 години. Наместо тоа, таа стана атентатор на мојот карактер. Настрана сите стилски фигури, што таа постигна? Што беше нејзината цел? Тешко е да се поверува дека ова не звучи повеќе како „Гледајте ме мене!“ отколку како „Ме Тоо“.
Зад него застанаа 65 жени од областа на новинарството и медиумите, лица кои имале прилика да работат со него и да го запознаат како колега и човек.
Новинарки, дописнички, водителки, продуцентки, режисерки, монтажерки, секретарки, директорки.....
Ние сме сегашни и поранешни колешки на Том кои со него работеле во период од неколку децении. Секоја од нас Том ја третираше фер и со почит. На секоја од нас ѝ даваше шанси да напредува и секогаш ни бил драгоцен извор на совети и поддршка. Сите ние го знаеме како човек со неверојатна пристојност и интегритет“, пишуваат жените кои застанаа во негова одбрана а меѓу кои има професионалки од калибарот на Марија Шривер, Рејчел Медоу, Андреа Мичел....
Кога разбра за петицијата, Мика Бжежински на Твитер напиша „Ставајте ме и мене на листата“.
Линда Вестер и нејзините адвокати не сакале да коментираат.