"Желбата обичното да се дотера во величествено е најинтензивна кога новинската организација го испорачува интервјуто со наслов 'ексклузивно.' Ова не значи дека не постојат ексклузивни интервјуа. Кога некој контроверзен и интересен за медиумите, како Ленс Армстронг го игнорира печатот или на некој друг начин одбива да одговори на прашањата, и потоа седнува да збори со Опра Винфри, тогаш тоа го заслужува името. Исто така, кога писател како Валтер Ајсаксон развива длабок и постојан пристап до човек што не ги поднесува медиумите како Стив Џобс, што резултира со 40 интервјуа во текот на две години, тогаш има нешто ексклузивно во тие разговори дури и ако Џобс во овој период им одговарал на прашања на други новинари," пишува колумнистот на Ројтерс, Џек Шафер.
Како пример за она што не е ексклузивно интервју, Шафер ги наведува обидите на Фајненшл Тајмс да ги протне интервјуата со Бил Гејтс или Далај Лама како ексклузивни, или секое интервју со Ричард Брансон кое во изминатиот период се нарекува ексклузивно, или интервјуто на Барбара Волтерс со Фокс Њуз во кое зборува за нејзиното заминување од "The View."
"Колку поголема моќ има темата, толку е поголема тенденцијата на печатот да го претстави интервјуто како ексклузивно, што значи дека интервју со претседателот на САД, без разлика колку кратко или несуштинско, речиси секогаш се смета за ексклузивно, се додека во собата нема новинар од некој конкурентски медиум.
Претседателот Обама дава интервјуа што печатот ги смета за ексклузивни, со иста фреквентност со која просечниот граѓанин ги пере алиштата. Минатата недела имаше ексклузивно интервју со ЕнБиСи. Неделата пред тоа ексклузивно интервју имаше Fusion. Во средината на октомври WABC од Њујорк имаше ексклузива. Месецот пред тоа Асошиејтед прес и СиЕнБиСи добија ексклузиви. Во септември ексклузиви имаа Телемундо и ЕјБиСи Њуз...
Полесно е да се направи список на медиуми кои немаа ексклузива со претседателот во изминатите 18 месеци, отколку оние што добија: Обама зборуваше со Charlie Rose, Today, JerusalemOnline, Meet the Press, Bloomberg News, Miami CBS4, American Urban Radio Networks, NBC's Rock Center, Tallahassee WCTV, Kirksville, Mo.'s, KTVO, Toledo News Now и Washington WJLA.
Со исклучок на англиската кралица, луѓето што се во бегство од полицијата и неколку ексцентрици, речиси секој во јавниот живот има интерес од време на време да разговара со новинарите. Речиси никогаш не е вест тоа што некој зборел, освен ако не кажале нешто што вреди да се чуе. Дали оваа информација е интересна? Дали открива нешто ново? По мое искуство, ова ретко се случува во ексклузивните интервјуа со претседателот," пишува Шафер.