Бихејвиорални научници направија анализа на тоа што сурфале стотици американски гласачи од периодот околу изборите во 2016, „со што добиваат слика во реално време за тоа кој кои лажни вести ги гледал, и кои вистински вести истите овие луѓе во тоа време ги гледале.“ Во анализата научниците имаат пристап до целата историја на сурфање на испитаниците.
Њујорк тајмс ги пренесува резултатите од анализата:
„Досегот на лажните вести навистина е опсежен, а сепак плиток.
Секој четврти Американец видел барем една лажна вест, ама дури и најстрасните читатели на лажни вести - длабоко конзервативни симпатизери на Доналд Трамп - прочитале далеку повеќе вистински вести, од весници и интернет или други дигитални извори.“
Во студијата следени се посетите на веб-страни во седмиците пред и по изборите. За една веб-страна да се смета дека има лажни вести, потребно е да има објавено барем две очигледно лажни вести. Од 289 вакви сајтови, 80% имале лажни статии во полза на Трамп.
Во „потрошувачката“ предничеле 10% од најконзервативните гласачи на кои отпаѓаат околу 65% од посетите на сајтовите со лажни вести. Про-Трамп корисниците било 3 пати поверојатно да посетуваат сајтови со лажни вести кои се во корист на нивниот кандидат, отколку про-Хилари симпатизерите.
Истражувањето покажува дека во целиот муабет исклучително е важно да се каже дека лажните вести се многу мал дел од дневната доза вести, без разлика за која страна станува збор: кај луѓето на Хилари на нив отпаѓа само 1%, а кај луѓето на Трамп само 6% од вестите што ги имаат консумирано.
„Дури и конзервативните приврзаници прегледале само 5 лажни вести, во просек, во текот на над 5 седмици,“ пишува Бенедикт Кареј во текстот за Њујорк тајмс.
Иако анализата не може да утврди дали и колку читателите верувале на лажните вести, тие се така очигледно лажни што без трошка суптилност или срам објавуваат дека Хилари „Ненадејно префрлила 1,8 милијарди долари во Централната банка на Катар,“ или “Видео што го прикажува Бил Клинтон со 13-годишно дете ја упропасти кампањата на Хилари“.
Друга работа што ја утврдуваат е дека лажните вести не може ни да се споредат по обемот на новости кога некоја тема била покривана од меинстрим медиумите. Како пример тие го даваат скандалот со приватниот меил сервер на Хилари, кој „постојано и проминентно бил објавуван во медиуми како Вашингтон пост и Њујорк Тајмс.“