Обемот на ваквиот феил е уште поневеројатен ако се има предвид алчноста и сеприсутноста на британските медиуми и папараци, озогласени по својата незапирливост кога ќе се намерачат на некој или нешто. Или успехот на глобалните медиуми да испратат репортери на најоддалечените и крволочни конфликти низ светот, а да немаат 2 минути материјал од настан во центарот на Лондон, кој беше неизбежно да се случи.
Што тогаш Руптли на РТ направи поинаку од комплетната глобална медиумска индустрија?
Стави камера пред амбасадата на Еквадор во Лондон и ја остави да снима.
Заменик уредничката за вести на Руптли, Лаура Лучини, објаснува дека снимаат пред амбасадата уште од 5-ти април, и тоа 24-часа без престан, а снимката постојано во живо ја пренесуваат на Јутјуб.
„Минатата недела внимателно следевме како се развива сторијата, додека тим наши продуценти работеа на смени. Во добар дел од овие денови и ноќи немаше никакви случувања. Други снимателски екипи се поставуваа и си заминуваа, но ние останавме. Ние веруваме дека овие снимки имаат голема вредност,“ изјавила Лучини.
Според Гардијан, откако периодов приказната почнала да се размрдува и да се шушка дека ќе има апсење, големите британски медиуми, Би-би-си, Ај-ти-ен, Скај њуз, направиле групен договор нивни екипи на смени да дежураат пред амбасадата, па снимката потоа ќе биде поделена меѓу членовите на групата. По неколку денови откако не биднало ништо од апсењето тие се откажале од дополнително стражарење.
Сега светските медиуми редовно го споменуваат Руптли кога ја објавуваат ексклузивната снимка од веста, плус му плаќаат за авторски права.