Од грчката ситуација се виде дека главни пречки на нивниот пат е комбинацијата и поклопувањето на интересите на: финансиски пазари, мултинационални корпорации, агенции за кредитен рејтинг, ММФ, ЕЦБ, германската монетарна политика и нејзините социјал-либерални следбеници.
Серж Халими во Монд дипломатик објаснува дека иако ова е прецизна листа на фактори, она што сите пропуштаат да го наведат на списокот пречки е: "постојаното напредување на медиумската бариера која може да го блокира секој проект спротивен на интересите на нејзините акционери. Затоа што сопствениците на медиумите се и творците на индустриска концентрација и добитниците од големата пазарна капитализација, ова и не е некое изненадување."
"Видовме што се случи кога владата на Алексис Ципрас дојде на власт во Грција, потпирајќи се, избрзано, на солидарноста на европскиот народ кој страдаше од политиките на штедење, мислејќи дека тоа ќе го олесни давањето отпор на германската нефлексибилност...
... Меѓутоа еден важен фактор не треба да биде превиден: медиумскиот третман на Грција ја изветопери дебатата и се обиде да создаде загриженост во европското јавно мислење околу тоа што ќе значи бришењето на грчкиот долг за 'секој Французин' (или Германец, Шпанец, Италијанец, Словак итн). Најголемите информативни медиуми најдоа начин како да го задржат пан-европското движење за солидарност со грчката левица. Во поинаков медиумски пејзаж, Грција можеби немаше да биде опишана како должник кој најверојатно ќе ги влоши проблемите на кредиторите, туку како лидер на се-европската борба против неуспешните политики за штедење," пишува Халими.
За споредба тој објаснува дека никогаш не постоела слична медиумска фиксација со прецизно пресметување и паничење околу социјалната штета од континуираното 30 годишно намалување на даноците за најбогатите, или околу спасувањето на приватните банки "за секој Французин".
"Западните кредитори, нефлексибилни околу грчкиот долг, на 27-ми август се согласија за делумно бришење на украинскиот долг, ама финансискиот печат не пресмета колку ова може 'да го чини просечниот Французин.' Ниту еден ТВ канал не пренесе улични анкети со реакциите на минувачите преплашени од ужасниот личен ефект од должничкото олеснување," забележува Халими во текстот за Монд дипломатик.