Етичкиот кодекс на Дејли меил

Доколку последниве години го имате отворено Дејли мејл знаете дека тој главно е треш од жанрот „стигнавме на дното", чии наслови, а особено фотографии, можат да вознемират со нивната агресивност и уринарно жолтило. Но, не било отсекогаш така - весникот во шеесетите од минатиот век си имал свој етички кодекс, кој доколку доследно би се почитувал денес, би значел затворање на голем број медиумски куќи.

Кодексот е направен 1966/67, кога Дејли Мејл бил прогласен за Весник на годината. Сите членови на редакцијата го добиле овој меморандум од тогашниот уредник, Мајк Рандал.

1. Ниту еден член на редакцијата не смее да навлегува, или пак да биде теран да навлегува во нечиј приватен живот, во случаи кога во тоа нема јавен интерес.

2. Ниту еден член на јавноста не смее да биде мамен, теран или на кој и да е начин притискан од претставник на Дејли мејл да даде интервју или фотографија, кога тој очигледно не сака да го стори тоа.

3. Наша обврска во секое време е да обелодениме измама, секогаш кога постои јавен интерес во таквото разоткривање.

4. При известување за случаи на развод ние ја користиме нашата а не дискрецијата на судот. Обелоденуваме детали само доколку случајот и резултатот се од валиден законски или јавен интерес. Никогаш не известуваме само заради исмевање на една од страните или заради разоткривање на нечии приватни животи кои не се од никаков интерес за јавноста.

5. Ниту еден член на Дејли Мејл не измислува изјави и не користи лаги за добивање изјави.

6. Ние не сме во бизнис на криење вести. Кога некој е виновен за прикривање информации кои треба да се обелоденат, ние го користиме секој легитимен метод за да им ги овозможиме тие информации на нашите читатели.

7. Членовите на редакцијата на Дејли Мејл не си дозволуваат да бидат искористени како средства за промоција на скандали кои немаат легитимна новинска вредност.

8. Секој кој работи за Дејли Мејл треба да биде заштитник на овие наши стандарди, и да биде личност која е почитувана во јавноста.

Денес:

12 јуни 2014 - 16:02