„Порнографијата најчесто е на само еден или два клика од нив. За оние на 10 или 11-годишна возраст, тоа може да е и нивното прво сексуално искуство,“ објаснува специјалистот по сексуално здравје, др. Кејт Хауелс.
За Хауелс токму пристапот до дигитални уреди е најголемата промена што се има случено во процесот на сексуално образование на младите.
Истражување на Британскиот борд за класификување филмови покажува дека над 60% од децата на возраст меѓу 11 и 13 години кои виделе порнографија изјавиле дека тоа било ненамерно.
Во сведоштвата што ги пренесува британската организација за заштита на деца, НСПЦЦ, една мајка зборува како во телефонот на својата 13-годишна ќерка нашла стотици пораки од „сексуална природа“ како и „порнографски цртани и видеа“. 16-годишно девојче пак изјавило дека е уплашена дека станала зависна од порно бидејќи секоја вечер гледала порно откако некој „ја предизвикал“ кога имала 11 години.
Стравот на Хауелс е дека ваквиот извор на сексуално образование за децата значи дека тие се повеќе учат за сексот „без да имаат контекст за тоа како е да се биде во грижлива врска“.
„Гледаме се повеќе млади луѓе кои мислат дека сексот треба да биде насилен.
Често пати тоа е претерано или нереалистично и би можело да има голем негативен ефект врз младите ако тоа се остави така,“ објаснува Хауелс.
Друга докторка, специјалист за сексуална медицина и здравје, Јасмин Кан Синг, објаснува дека на младите често пати не им се верува дека порнографијата не е реалистична.
„Мора да им кажеш дека светот е многу поразличен од она што го гледаат на интернет. Тие се уште немаат развоен капацитет за да го сфатат тоа,“ изјавува Синг.
Хауелс се сомнева дека младите најчесто прибегнуваат кон порно како нивен извор за сексуално образование бидејќи се чувствуваат дека не ги добиваат потребните информации од други места па таму бараат, „на наставниците/наставничките им е срам да зборуваат со младите за секс.“