„Увоз на роботи за секс кои се дизајнирани да изгледаат како деца треба да биде забранет“, порача британската Асоцијација за одговорна роботика во својот последен извештај под име „Нашата сексуална иднина со роботите“.
Такви роботи - деца сè уште не постојат но со оглед на темпото со кое се развива таа гранка, можно е многу брзо да се случат промени во општеството за кои тоа треба навреме да има став.
Земја матица на таков жанр сексуални перверзии е Јапонија во која постојат неколку компании кои продаваат верно изработени кукли (аналогни) од силикон и друг материјал кои изгледаат како пред-пубертетски деца. Од такви пред некоја година се изгоре еден Канаѓанин кој преку интернет нарачал цел комплет јапонски кукли. Штом ја потпишал испратницата бил уапсен и му се заканува затвор до 7 години.
Во дизајнирање на легислативата на оваа тема сигурно е дека клучен збор треба да го имаат психијатрите, невролозите, сексолозите. Но, темата е толку нова и зачудувачка што и во тие фели има дијаметрално спротивставени мислења. Едни се за ригорозна забрана страхувајќи дека играњето со реалистични кукли може да биде чкрапало кое од фантазирање ќе ги одведе таквите луѓе отаде црвените линии. Други не се за забрана и веруваат дека куклите можат да бидат исклучително корисни во медицински терапии за контролирање на непожелните нагони кај сексуални насилници и лица со педофилски пореметувања.