* Алекс Епштајн е автор на делото „Етичкиот аргумент за фосилните горива“ и е претседател на британскиот Центар за индустриски прогрес. Со него разговара Брендан O'Нил, уредникот на Спајкд.
Брендан О’Нил: Јазикот за климата е многу променет. Прво, од глобално затоплување дојдовме до климатски промени. Сега, од климатски промени преминуваме кон климатска криза или климатска ургентност. Постојано се тапани за ужасни, апокалиптични сценарија. Ни се вели дека ова е вонредна состојба без преседан која може да стави крај на животот на Земјата. Вие ја истакнувате улогата што Меѓународниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) ја игра во разгорувањето на овие идеи. Многу луѓе пак, велат дека IPCC е релативно разумен и дека проблемот се новинарите и активистите кои го вадат од контекст она што се кажува. Од каде доаѓа и зошто е проблематична идејата за климатска вонредност?
Алекс Епштајн: Факт е дека луѓето денес се далеку побезбедни од климата отколку што некогаш биле. Смртните случаи од катастрофи поврзани со климата - гинење од бури, поплави, екстремни температури - се имаат намалено меѓу 98 и 99 проценти во текот на минатиот век. Ако некој зборува за иднината на климатската опасност а не ја признава сегашноста, тој е или неук или измамник.
Во минатото сме имале и десет пати повеќе CO2 во атмосферата отколку сега, а сме имале и многу повисоки температури. Промените во климата не се крај на светот. Целата идеја за климатска вонредна состојба е неоснована.
И медиумите заебаваат. Постојат многу документирани примери во кои тие дрско го искривуваат она што го вели IPCC. Но, самиот IPCC никогаш не спомнува дека сме побезбедни од климата од кога било. Тоа е како добротворна организација за детска парализа да не спомнува дека имаме вакцина против детска парализа.
О’Нил: Вие тврдите дека фосилните горива не ја прават климата опасна туку обратно. Тоа веројатно е најконтраинтуитивното нешто што некој може да го каже во 2021 година. Но, кога ги слушам Борис Џонсон и Грета Тунберг како ја обвинуваат индустриската револуција, ми доаѓа да ги истегнам за уши. Мене ми е очигледно дека од индустриската револуција наваму, ние го имаме направено светот побезбедно и подобро место.
Епштајн: Постојат два начина да се гледа на климатското прашање: преку призма за процут на човештвото или преку призма против човековото влијание врз климата. По мене, почетна точка треба да биде дека климата е природно опасна и тоа треба да се сфати сериозно.
Земете ја за пример сушата, која историски е најголемиот убиец поврзан со климата. Смртните случаи поврзани со суша се намалени за над 99 отсто во текот на минатиот век. Тоа е затоа што успеавме да создадеме сериозни заштити од суши. Машинска иригација, на пример. Машините драматично ја засилуваат и прошируваат човековата продуктивна способност. Имаме методи со кои спасуваме милиони животи од суша.
О'Нил: Денес доминантна е онаа страна која се противи на човековото влијание врз природата. Вам ви пречи што овие луѓе се претставуваат како дел од движење предводено од науката. Нема ли во тоа и некаков анти-хуманизам? Губење верба во човештвото и верување дека секое човечко мешање во природата е само по себе проблематично? Нели е тоа повик да се врати човештвото назад, да се скротат човечките аспирации и напредок со цел да се создаде некоја земја од фантазиите во која ќе живееме во хармонија со природата? Колку мислите дека движењето против човековото влијание е и – мизантропско?
Епштајн: Во суштина, да. Погледнете ја комплетната индиферентност кон потребата за енергија генерално, и за фосилни горива, конкретно. Недостатокот на енергија е буквално прашање на живот или смрт за милијарди луѓе, па сепак нема загриженост за ова, додека за CO2 постои целосна опсесија. Луѓето се противат на фосилните горива тврдејќи дека им е битно да ја направат климата побезбедна. Но, истите луѓе често се противат и на нуклеарната енергија, иако таа не предизвикува значителни емисии CO2. Има противењa и за хидро, за солар. за ветар. Тоа е затоа што вистинската цел на денешните еколози е да го елиминираат влијанието на човештвото врз природата. Ги проценуваат формите на енергија не според тоа колку тие имаат корист за човечкиот процут, туку по тоа колку малку влијаат врз природата.
Јас не сакам да ја спасам планетата од луѓето – сакам да ја подобрам планетата за луѓето.