Денес, НАТО е нешто различно од она НАТО кога Словенија се приклучи на тој сојуз, значи, одбранбена заедница која го брани суверенитетот и безбедноста на своите граници.
На некој начин НАТО стана светски полицаец во функција на одбрана на интересите, пред сè, на Соединетите Американски Држави.
Европа никогаш немала сериозна дискусија дали може да ја обезбеди својата безбедност без НАТО. Секогаш го има тоа алиби „без НАТО не можевме ништо да направиме“. Ако знаеш дека НАТО е тука, се занесуваш и не го правиш она што самиот треба да го направиш.
Ја имаме оваа несреќна војна во Украина која е сосема непотребна и сè уште не можам да разберам зошто Путин ја направи оваа голема грешка и злосторство. Тоа никако не може да се оправда, но прашање е дали тоа е само војна меѓу Русија и Украина или веќе е војна меѓу НАТО и Русија.
До тој одговор треба да се дојде што е можно поскоро, бидејќи ако работите се развиваат како што се развиваат сега, ако се дозволи да се напаѓаат цели во Русија со оружјето што земјите од НАТО ѝ го даваат на Украина, тоа е всушност војна. Тоа е војна против Русија.
Тука е и опасноста од употреба на нуклеарно оружје и нема гаранција дека некој нема да помисли да прибегне кон овие оружја во некоја ситуација. И покрај сите напори да ѝ се помогне на Украина, што според мене е разбирливо, не гледам ни приближно толку напори за постигнување мир.
Дури не е дозволено ни да се разговара за причините за војната, како во Газа. Штом прашате дека треба да се види зошто нешто се случило, ќе завршите како генералниот секретар на ОН, Гутереш, кого го нападнаа дека го поддржува Хамас. И за украинската војна ќе испадне дека го поддржуваш Путин.
Не постои волја да се зборува за причините. Многу сум загрижен за воената психоза во Европа.
* Целото интервју со Милан Кучан за босански Кликс - тука