Бреговиќ: Не читам книги, не слушам музика

Горан Бреговиќ конечно има луксуз да не е во тек и да може да седи во тишина. Вели дека да не мора, не би ни излегувал од дома. Освен до продавница. По пижами.

„Никогаш не се бавам со политика, отсекогаш сум се бавел со тоа девојките да се качат на масa, музичарите да имаат добар бакшиш а со мојата музика да може да се пие. Доаѓам од рокенролот и со што и да се занимавам, мора да ми е забавно,“ вели Горан Бреговиќ во интервју за Недељник. Води две паралелни турнеи, една со оркестар и виолини, друга со Дугме, затоа што „Србите попрво ќе ги натераш во НАТО отколку на виолински концерт“. Ветува дека и на луѓето ќе им биде забавно бидејќи 20 години нема напишано тажна песна.

Тоа значи дека 20 години си среќен? Бидејќи постои теорија дека луѓето пишуваат песни самио кога се тажни.

Кога човек е тажен, тој го слуша текстот, а јас пишувам инструментална музика. И немам потреба да пишувам тажна музика. А музиката не ја прави само мозокот туку и другите органи. Можеби сум фабрички срeќен, или пак сум ретардиран, ама 20 години немам напишано ништо тажно.

Имаш привилегија да настапуваш ширум поранешна Југославија. Како ти изгледа?

Единствено ти е жал што беше војна. Бидејќи истиот пејсаж ти предизвикува иста топлина. Сè друго е небитно и мене тие граници ништо не ми значат. Во овие, сега мали средини, е невозможно да се прават големи работи во култрата. Во времето на Бијело дугме рокенролот повеќе беше религија отколку музика. Така веќе не е ни во светот. Музиката оди во правец на Марксовата идеја па секој кој има телефон може да сними песна. И убаво е тоа, одиш на Јутјуб и гледаш убави работи од непознат свет. Или некои ѕвезди кои се ѕвезди оваа недела а веќе во следната ќе бидат заборавени. 

Да беше сè одново, ќе мораше ли пак да го правиш Бијело дугме?

Можеби ќе и положев тие неколку последни испити и ќе предавав филозофија. Веќе на четврта година на факултет им предавав на средношколци и некако тоа ми изгледаше: „Боже, невозможно е на деца од 16 години да им предаваш филозофија.“ И самиот се фаќаш како животот ќе ти помине во залудна работа.

Пред некој ден возам по Хрватска, радиото фаќа некоја словенечка станица и на неа оди „Пекар“ од Дугме. Некогаш словенечки медиуми не ве пуштаа, денес полните сали во Љубљана.

Во Југославија секој имаше свој локален кич и секому му недостасуваше кичот на оној другиот. Неколкуте децении на таа Југославија беа период во кој неколку генерации имаа заеднички фудбалски или кошаркарски утакмици, заедничка музика. Тоа и ќе остане. Малку музика, малку спортски спомени. Ќе остане и чувството дека во еден период имавме социјална правда за која не верувам дека повторно ќе ја имаме. Дека тоа беше период во кој сите деца имаа пристап кон училиште, здравствено осигурување.

Среќаваш ли наши луѓе надвор?

Свирам во градот Оахака во Мексико. Ми доаѓаат луѓе од обезбедувањето и ми викаат: „Двајца дечки, викаат дека сте земјаци, сакаат да ве видат“. Викам „Се разбира“ и доаѓаат двајца момци од Белград. Ги прашувам како се познаваат и едниот ми вика: „Јас одев по улица со дрес на Партизан, а тој на другата страна на улицата со дрес на Ѕвезда.“ И така двајца белграѓани се имаат запознато во Оахака.

Ти си прв кој напиша песна на албански јазик во домашниот рокенрол, Милошевиќ се имаше цементирано на власт на тема Косово а и сега Косово повторно е главна приказна, како српска влезница во НАТО.

Стално мислам дека ние ништо не знаеме за тоа. Пред неколку години отворија некои архиви и се дозна дека паролата „Подобро гроб отколку роб“ е смислена од тајна служба на една земја. Заради таа парола ние одевме во војни и гиневме за неа. А вистината ја дознавме неколку децении подоцна. Може да се случи повторно да ги разбереме работите децении откако тоа веќе нема ни да биде важно. Ние сме мал народ и ни се случувало ова или она по одлука на некој над нас. Се надевам дека нашиот претседател знае што се случува. А ние знаеме како големиот свет функционира со мали народи.

Од друга страна, секогаш се лутиме кога некој ќе ни каже дека сме мали.

Па, сме. Југославија донекаде симулираше дека е мала ама е сила, а ова сега, разбиено на мали земји, тоа една компанија може да го сруши како од шега.

Дали тебе ти беше полесно да се тргнеш од политика во социјализмот или сега?

Ако си роден овде, осуден си на внатрешната политика. Кога ќе отидеш надвор, ќе те стигне нашата надворешна политика. Нема бегање од тоа.

Ми имаш зборувано како со Ѓинѓиќ имате одено во кафани, имаат ли желба сегашниве политичари да се дружат со тебе?

Никому не сум му јас при рака. Ја познавам Маја Гојковиќ, Дачиќ....

Не ми кажуј дека Дачиќ и тебе ти пеел?

Да, да, сме пееле заедно.

Која?

Тој сакаше да ми ја пее Ѓурѓевдан ама јас и Тома Николиќ ја фативме „Иде Миле лајковачком пругом“.

Ете, а Тома зборуваше дека е рокер и дека ги сакал Смак.

Во кафана бевме, човек, кај во кафана ќе пееме Смак?

Ѓинѓиќ не пееше во кафана?

Не, ама сакаше да одиме. Имаше одлични цигански кафани во Белград кои за жал пропаднаа бидејќи Циганите пропаднаа пред да пропаднеме ние другите. Така што го водев Ѓинѓиќ во такви кафани, една се викаше Бродарац.

Што нему му беше добро во Бродарац?

Знаеш како, без оглед кој си и што си, ќе осетиш кога си во присуство на уметност. Нам со еволуција ни е даден тој талент да почувствуваме присуство на уметност. Нема врска каде сме. Дали пред Мона Лиза, дали пред цигански оркестар во Бродарац.

Што тебе те занима да консумираш во слободно време?

Не читам веќе, ниту пак слушам музика.

А порано беше познат по тоа колку имаш прочитано.

Во еден момент некако тоа почна да ми личи на конвенција - да мораме да читаме цел живот. Сега ретко го правам тоа. Во последниве 10 години имам прочитано 15-тина книги. И тоа повеќе теорија отколку белетристика. А музика не слушам. Некако ми е попријатно кога ќе завршам со работа, да седам во тишина. Го имам тој луксуз да не морам музички да бидам во тек. Некако кај мене музиката излегува од други извори а не од слушање. Понекогаш ќе чујам нешто што е симпатично ама кога ќе почнат да спомнуваат имиња, си викам „Јебо те, Брега, па ти веќе ништо не знаеш.“

Порано се опушташе со опера.

Немам веќе никаква барања кои се гламурозни. Така што, ако престанам да го правам ова што го правам, никаде веќе не би одел. Можеби до самопослуга.

Ја виде ли онаа слика во весници кога комшии те нападнаа дека си одел по маало по пижами?

Бев да видам една градба, еден мајстор, па што? И комшиите излегуваат по пижами, што па јас би бил поинаков?

Мајка ти е има собрано од Италија кога имаш таму свирено со бенд. Дали си ти строг кон ќерките? На пример, ако одберат професија која егзистенцијално не е добра.

Тоа во мојот случај не се покажа успешно. Ќе пратиш дете да заврши школо кое на крај ќе му обезбеди добра работа, ама тоа не мора ништо да значи. Ќе заврши електро ама не значи дека ќе живее убаво. Човечката среќа е едноставна и за неа решаваат мали работи. А несреќата е комплицирана. Така што е погрешно на дете да му браниш да оди по некој пат кој нему му се чини одличен. Треба децата да се поддржуваат и кога имаат необични соништа.

Дали ти ја поддржуваш ќерка ти кога вика дека сака да стане скулптор?

Прво, ниедна одлука не е дефинитивна. Тоа што сега решила да станува скулптор н значи дека во 30-тата нема да запише стоматологија. Тоа сега веќе ништо не значи. Не е тоа како некогаш, ќе купиш мебел и во него ќе умрат три генерации. Денес мебелот го фрлаш како што јас го фрлам оделото од Зара.

Тонец од Радио Белград ми има зборувано дека бил со тебе во војска во Ниш (касарна Бубањски херои, радио-релејна чета) и дека офицерите полудувале кога си го паркирал Јагуарот пред касарна.

Од депресија го купив тој Јагуар. Ќе побегнам од касарна. ќе седнам во Јауарот и ќе ставам обетка на уво. Тие стари Јагуари имаа махагони и вистинска кожа и јас ја вдишував таа кожа и тоа махагони, само за да сменам мирис, бидејќи спиев со 104 луѓе во војничката спална. Јагуарот повеќе имаше терапевтска улога, отколку вистинска потреба. Подобро да завршам во Јагуар отколку во лудница.

Некогаш рокеенролот беше религија, рече дека тоа денес веќе не е никаде, но се чини дека денес нема ни некои големи идеи. Како да живееме меѓу две рати од кредитот, две регистрации на колата, два годишни одмора....

Главен проблем на земјината топка е што последната политичка идеја беше Карл Маркс. Од Маркс па до сега имавме три технолошки револуции а ниедна нова политичка мисла. И ти сега имаш еден процент кој поседува 90% од богатството на планетата и се прашуваш зошто оние 99% не ги испоубијат овие 1% бидејќи тоа би било логично. Ама не, нема конфликти, затоа што меѓу 1% и 99% стои демократијата и стои религијата а нема веќе идеологија. Како што вика Чомски: „Да можеше демократијата нешто да смени, одамна ќе беше забранета“.

Нема иделогија ама десни партии победуваат во светот.

Десни партии секогаш имало но и навистина да победат, не може тоа да биде десница како во 30-тите години. Сите се наоружани, уште муслиманите да добијат атомска бомба па да завладее мир.

Како ти изгледа целиот овој феномен на Трамп?

Со претпоследниот претседател имавме илузија дека Америка може да бид нежна сила. Трамп само ја соголи целата работа и Америка сега е онаква каква што отсекогаш била.

2 јануари 2019 - 12:01