Дали затоа што сè се случува под вода и не е така очигледно на прв поглед, кога се започна големата преселба на гладните од регуларно копнено месо на риба, некако очекувањата беа дека нивото на уништување предизвикано од одгледувањето стока на индустриско ниво нема да се повтори во морињата. Десетина години упорно јадење риба, очекувањата не излегоа како што беше планирано.
Во апокалиптичниот извештај објавен во понеделникот од О.Н. се наведува дека живиот свет во светските мориња колабира со уште поголема брзина од оној на копно. И главна причина за ова не е ниту загадувањето, ниту климатските промени, ниту пластиката, туку комерцијалниот индустриски риболов.
Прво треба да се расчисти дека комерцијалниот риболов не подразбира стар капетан, со бела брада, лице направено ѓон од сонце и ветришта, и изветвена облека, кој цел ден ја крпи мрежата за да фати нешто. Во прашање е најпрофи индустрија, на ниво на кој било светски конгломерат.
Така речиси 30% од квотата за риболов дозволена на Британците отпаѓаат на само 5 рибарски семејства од островот, од кои сите се на листата на најбогати Британци на Сандеј тајмс. Една холандска мултинационална компанија со огромна флота на бродови, држи уште 24% од британската квота.
Или најјасно претставено најмалите бродови, под 10 метри, сочинуваат 79% од целата британска риболовна флота, но на нив отпаѓа само 2% од целата уловена риба.
Истото се случува и низ свет, каде огромните фабрика бродови на богатите нации ги пустошат резервите со риба околу сиромашните нации. Ваквиот риболов лишува цели островски и крајбрежни народи (милиони и милиони луѓе) од нивниот главен извор на протеин, и притоа збришува цела популација на ајкули, туни, делфини, желки и останат морски свет.
„Морињата вон националните граници, се царства на беззаконието. Тука риболовните бродови пуштаа јажиња со јадици долги над 100 километри, притоа цели области ги чистат од предатори и секое друго животно што ќе ги сретне. Но дури и крајбрежните фарми се ужасно менаџирани, преку комбинација на попустливи закони и катастрофален неуспех во нивно спроведување,“ пишува во колумната за Гардијан, Џорџ Монбио.
Наведувајќи искуства низ светот Монбио објаснува дека регулирањето на риболовната индустрија е „и евтино и лесно“.
„Ако комерцијалниот риболов се забрани во огромни делови од морињата, вкупниот улов, парадоксално, ќе порасне благодарејќи на она што биолозите го нарекуваат ефект на прелевање. Рибите во резерватите се размножуваат и растат во огромни бројки, и потоа тие се прелеваат во околните води. Во другите делови во светот каде морињата имаат заштитени области, уловот има драматично пораснато.
Како што покажа студија објавена во журналот ПЛОС Биологија, дури и ако риболовот е забранет во отворените океани - како што треба да биде - светскиот улов на риба ќе забележи раст, бидејќи растечката популација ќе почне да мигрира кон националните води.
А ова не ни тешко да се спроведе. Додавање на систем за следење на секој брод над 10 метри што лови риба во британските води би чинело само 5 милиони фунти. Камери и сензори би снимале сè што бродовите ловат и каде. Со што нелегалното ловење би било невозможно. Но опремувањето со оваа опрема е доброволно. Со други зборови, задолжително е почитување на законот против претеран риболов и риболов во забранети зони, но поставувањето на опремата која може да контролира дали го почитуваш законот е доброволно. Не е ни изненадување што само 1% од бродовите се согласиле да постават ваква опрема,“ пишува Монбио.
Неговата порака е „не постои риба или морски плодови, што можеме безбедно да ги јадеме“, без сите погоре споменати зулуми:
„Се додека риболовот не е соодветно регулиран и ограничен треба да ја повлечеме нашата согласност.
Секако пазете на користење пластични кеси, ама ако стварно сакате да направите разлика, престанете да јадете риба.“