Науката ви порачува дека погрешно го јадете јаболкото

Не е мал ќеифот да се пренесуваат вакви вести, имајќи ги на ум оние орди прехранбени талибанци кои имаат фетиш кон здравјето (ќе изедат говно од потполошка ако ги убедиш дека е здраво) и тоа колку канони до кои слепо се држеа, во последно време им беа ревидирани. Од рехабилитацијата на путерот и сланината, па до лустрацијата на чиата. За ова со јаболката, ако се фер и принципиелни, од утре ќе ги гледате како ги голтаат семките.

Не е важно колку често јадете јаболка туку како ги јадете, е наравоучението на студија од Универзитетот во Грац според која количината корисни бактерии кои човек ги добива од ова овошје драстично се зголемува ако се изеде целото јаболко.

Да, сосе тоа средината и семките кои досега консензуално се фрлаа.

Истражувачите идентификувале пријателски тип на бактерија наречена Лактобацилус, вообичаен елемент во пробиотиците која помага во низа гастро пореметувања. Но, ја има главно во срцевината. Правилото важи и за јаболката за масовна потрошувачка и за органски одгледаните примероци.

Оној кој не го јаде цело јаболко се лишува од многу пробиотски сојузници. Да бидеме попрецизни, зема 10 милиони а може да земе 100 милиони.

За следењето на новото правило да биде повозбудливо, да потсетиме дека претерување со голтање семки од јаболка може да биде опасно бидејќи тие содржат хемиска супстанца која се претвора во цијанид.

Маки.

27 јули 2019 - 20:42