Повеќето луѓе кои прават храна за себе и за други знаат дека лутината од пиперките се менаџира со вадење на нејзината плацента, оној средишен нејзин дел кој ги држи семките сосе жиличките кои пак ја држат за ѕидовите на пиперката.
Хинт на оваа тема: гледајте ги жиличките, колку се тие пожолти толку таа пиперка е полута, бидејќи капсаицинот, супстанцата која лути, во екстрахирана течна форма има жолта боја.
Но, не сите пиперки се исти. Супер лутите, не само што имаат повеќе капсаицин туку и различно го складираат. Тоа за првпат е утврдено како дух-пиперката која во 2007-ма година влезе во Гинисовата книга рекорди како најлута на светот, 400 пати полута од табаско сос.
Супер лутите пиперки својата лутина ја имаат насекаде. Исчистете халапењо пиперче од семки и жили и сте извадиле речиси 100 посто од лутината. Кај духот со тоа вадите само 50 проценти бидејќи капсаицинот го има и во нејзиното месо.
А таква е моменталната рекордерка "Каролина Рипер" која има 1.200.000 сковили (единица мерка за лутина). Нивниот производител најавува уште полут модел, кој и од името звучи 'отровно'. Работно име му е HP56 и ќе има 2,2 милиони сковили. Практично, луто речиси колку оние пепер спрејови за самоодбрана само во природна форма.
Инаку, моменталниот лут хит во гастрономијата се пиперките скоч-бонет (без "т" на крајот ако сакате да звучите пофранцуски) кои се 10-35 пати полути од халапењето но сепак се со скромни 150.00-300.000 сковили. Станаа хит со популаризирање на јамајканската кујна.
А здравствените придобивки на лутото одамна се знаат. Од нивната улога во размрдување на мрзливите црева, преку употребата на капсаицинот во терапии за рак на простата или пак лекување на псоријаза, па сè до онаа мудрост дека лутото е добро за меморијата бидејќи кога ќе бидете утредента на веце шоља, веднаш ви текнува што имате јадено претходната вечер.