Земјоделскиот комбинат „Таково“ од Горњи Милановац уште во шеесетите бил гигант според бројот на вработените, дури 1,200. Но платите биле ниски, бидејќи преработката на овошје и зеленчук не носела профит.
Во тек на едно службено патување во Италија во 1969 генералниот директор Јован Томовиќ од рафтовите на тамошен супермаркет носи до тогаш непознато благце - „еурокрем“ - од производителот Гандола. Примерокот го дегустирал со соработниците и им предложил тоа да стане клучниот производ на Таково со кој ќе го освојат пазарот на Југославија. На 37 години, тој носи храбра одлука за задолжување од за тоа време баснословни 10 милиони долари. Стапил во контакт со сопственикот Алдо Гандола, кој се согласил да ја продаде лиценцата, рецептот, името на производот и технологијата. Замислата била да се настапи и вон Југославија, на источно-европскиот и блискоисточниот пазар.
Фабриката за производство на „еурокрем“ е опремена и отворена во 1970. Веднаш се покажало дека тоа било одличен бизнис потег.
„Таа година почнавме со 1000 тони годишно производство, а по само две години таа порасна тројно. Во почетокот на осумдесетите работевме во четири смени, и во недела и за празници, и тогаш ги постигнавме максималните 13,000 тони“, се сеќава денес директорот.
Така овој производ станал генератор на развојот на компанијата, која изградила повеќе од 300 станови, направила семејни куќи за 1000 вработени, а синдикатот изнајмувал авион за екскурзија на работниците во Шпанија и Италија. Се работело, се можело.
Директорот по заминувањето во пензија, пред 19 години, од семејството Гандола добил часовник. Остануваат и спомените за едно поинакво време, но и незаборавниот вкус на еурокрем сркан од стаклени чашки или од пластични кофички, заедно со вечното прашање: белото или црното?