Да се појадок или не?

Има доста здрава логиката зад идејата дека појадокот е најважниот оброк во денот, односно дека наутро е важно "да му ставиш гориво на моторот, за тој да може цел ден да работи" или која и да е аналогија што ви ја кажувале. Само што може и да не е така.

Мерион Нестле е поранешна раководителка на Департманот за нутриција, студии за храна и јавно здравје, како и професорка по социологија на Њујорк Универзитетот. Нејзиниот став околу тоа "Дали појадокот е најважниот оброк во текот на денот?" е следниот:

"Прашањето воопшто не е смешно, иако секогаш се смеам кога ќе го чујам. Ова е затоа што јас јавно сум прогласена за човек што не појадува - барем не веднаш штом станам. Обично не огладнувам до 11 или така нешто и ретко јадам пред ова. Кафе да. Цврста храна, ве молам подоцна. Идејата дека раниот појадок е клучен, има совршена логика за земјоделците, фармерите или малите деца. Дали е важен за нормални возрасни, кои најголемиот дел од денот го минуваат седечки тоа е сосема друго прашање.

Многу - ако не и најголемиот дел - студии кои демонстрираат дека луѓето кои појадуваат се поздрави и подобро се справуваат со тежината отколку оние кои не појадуваат, се спонзорирани од Келогс или други компании кои произведуваат житарки за појадок, и чиј бизнис зависи од тоа луѓето да веруваат дека појадок значи житарки спремни за јадење. Независно финансираните студии имаат тенденција да покажат дека која било шема за јадење е добра за здравјето доколку вклучува зеленчук и овошје, ги балансира калориите и нема многу џанк фуд. Ако се разбудиш прегладнет, слободно појадувај одма по станување. Ако не, јади кога ќе огладнеш и не се грижи за тоа. Децата кои немаат пристап до соодветна храна во училиштата е многу подобро ако појадуваат дома, и сигурно подобро ќе учат ако нивниот стомак не кркори."

За историчарката Абигејл Керол, и авторка на "Three Squares: The Invention of the American Meal" опседнатоста со појадокот пак започнува со маркетинг кампања, ама на производител на сланина.

Во верзијата на Керол, откако на почетокот од 20-от век докторите успеале да ја убедат американската средна класа да почне лесно да појадува, производителот на сланина Бичнат компани започнува кампања сопствена кампања во која го промовира обилниот појадок со протеини од животинско потекло како поздрава опција од житарки и тост. Сосема нормално, кампањата им успева.

"Една од причините зошто Американците се решија за лесен појадок (а понекогаш и за прескокнување на појадокот) не е само заради здравствената корист, туку затоа што едноставно сакаш да отидеш на работа и да го почнеш денот, и некако не ни доаѓа да се мавтаме околу храна. Житарките и тостот не само што ги нахранија американските стомаци, туку и нашиот апетит за комфор - а сега производите од јогурт, кои се уште покомфорни, почнаа да го заземаат своето место. Меѓутоа кој е врвниот појадок? Воопшто да не појадуваш. Американците од пред еден или два века би ја чешале главата со збунетост од оваа идеја."

24 март 2015 - 09:57