„Ако се остави неконтролирано, рапидното зголемување на бројот на луѓе со прекумерна тежина би можела да ги забави или преобрати вонсериските успеси во здравјето и очекуваната животна доба во кои човештвото ужива последниве децении. А форсирајќи ја својата фаст-фуд прехранбена култура во земји како Мексико и Канада, Америка го прави проблемот полош“, пишува Кенет Рогоф, професор по економија и јавни политики на Харвард.
Ова прашање би можело да биде едно од жртвите на систематско инсистирање на Доналд Трамп да ги размонтира политиките на претходната администрација и да ги укине некои регулативите кои ги воведе Барак Обама.
Рогоф потсетува дека денес просечната американска жена е потешка од просечниот американски маж во 60-тите години кој имал 75 килограми. 40% од американското население влегуваат во категоријата луѓе со прекумерна тежина, со индекс на телесната маса над 30. Сериозен дел од тоа се адолесценти меѓу 12 и 19 години.
Слични трендови има и во други краеви на светот, во Европа, Латинска Америка и Кина. Причините за дебелината се комплексни но се чини дека постои консензус околу главните причини: леснотијата и достапноста на процесирана храна и седечката култура на живеење. Во земјите во развој пак, дополнителни фактори се забрзаното празнење на руралните простори и желбата да се имитира западниот стил на живеење
Само САД овој проблем ги чини 200 милијарди годишно, во здравствени услуги и социјални сервиси (мада, човек не е на сигурно дали зад форсирањето на овие бројки за трошоците се крие искрена загриженост или само се прави терен за нови даночни политики во кои дебелите ќе бидат репнати како и пушачите, за да не ги арчат фондовите).
Професорот вели дека не може да се игнорира фактот дека откако стана трговски партнер на САД во 1993 година, Мексико се соочи со драматичен пораст на бројот на дебели луѓе а истото му се случи и на вториот партнер од НАФТА, Канада, во која олеснетиот увоз од САД драстично ја намали цената на фруктозата која масовно се користи во пијалаците и кондиторските производи.