„Во време кога нееднаквоста во богатството во САД е на нивоа од пред Големата депресија, кога речиси две третини од земјата веруваат дека луѓето со високи примања плаќаат премалку даноци, и речиси уште толку го поддржуваат предлогот на Елизабет Ворен за дополнителен данок на домаќинства со имот над 50 милиони долари - некој кловн да потроши речиси два пати над оваа граница на извикана ода на кичот од 1980-те стварно наликува како предзнак за крвава револуција,“ пишува Мајлс Кли во текстот за Мел магазин.
Освен првичната, од кај му толку пари, причини за гнев има и по основа што новиот сопственик ја купува како инвестиција очекувајќи дека нејзината цена ќе порасне (претходниот сопственик во 1992-ра скулптурата ја купува за 1 милион долари), што само го зголемува идниот јаз во богатството и шансите кои богатите ги имаат во однос на останатите (систем: пара на пара се лепи). Или тоа што дилерот кој го стави зајакот на продажба е Роберт Мнучин, татко на првиот човек на трезорот на САД во владата на Трамп, Стив Мнучин.
Како за споредба на парите, Кли наведува дека 91 милион долари е сумата која Кина минатата година ја одвојува за хуманитарна помош во Сирија, Јемен, Јордан и Либан, со цел да го зголеми своето влијание во Блискиот Исток.
„Протокот на незамислив капитал меѓу елитите, пари кои јас и ти не би можеле да ги потрошиме за цел живот, е глобален проблем: Аукциската куќа Кристис пред две години го продаде и Салватор Мунди од Леонардо да Винчи, едно од помалку од 20 познати дела од ренесансниот титан, на саудиското кралско семејство за рекордни 450 милиони долари.
По ова, јавното изложување на сликата беше одложено на неодредено време, и сега немаме поим каде се наоѓа. Коментирајќи ја во тоа време продажбата, поранешниот уметнички директор на Музејот на уметност на Метрополитен, Томас Кембел за Гардијан изјавува дека цената ’не изненадува на пазар каде шпекулацијата, маркетингот и брендирањето го заменија вкусот за уметност како мерка за вредност.’
Истиот цитат може да се употреби секогаш кога е во прашање најбогатиот 1% - кои фрлаат пари во бунари без дно од Силициумската долина како Убер или Теранос, затоа што дури и ако оваа коцката не излезе, за нив тоа во основа се Монопол пари, капка во кофа со вода, ништо што не можат да си дозволат да го изгубат,“ пишува Кли.
Опишувајќи го пазарот на уметнички дела како „омилен плутократски спорт“, за Кли ценкањето и наддавањето на богаташите околу предмети што припаѓаат во музеи „го покажува обемот на нивното лудило“.
„Колку се тие безнадежно далеку од тоа да им е грижа за нашиот нефункционален здравствен систем, или распаднатите јавни училишта, или неподносливата тежина на сиромаштијата,“ пишува Кли.