Партизанските филмови се незамисливи без главните негативци, а тоа се окупаторите, Германците и Италијанците. Затоа што југословенската кинематографија не беше многу дарежлива во смисла на хонорари, нив често ги играа домашни глумци кои знаеја германски или италијански, а некогаш ни тоа не беше неопходно.
Да речеме, кога режисерот Бранко Белан бараше глумец за улогата на капетанот Орландо во својот воен филм „Под сомнение“, добро му дојде што се знаеше со колегата Обрад Глушевиќ, кој солидно го владееше италијанскиот. Кога филмот е довршен, тој лик му создаде многу главоболки, затоа што тој не го замислил како негативец, туку како резервист кој бил неволно регрутиран.
Тој живее со семејството на главниот јунак Андре Наранчиќ, се заљубува во неговата сестра Марија и му помага на Андре кога овој ќе се најде во невоља. Во конечната пресметка меѓу партизаните и Италијанците, Андре не сака да пука во Орландо, што битно им засмета на главните во Босна филм, претпријатието кое стои за продукцијата на „Под сомнение“.
Тие му го искасапија филмот на Белан, ги скратија сите сцени кои им се чинеа проблематични, па режисерот зажали што сценариото не го реализирал во загрепскиот Јадран филм, иако прашање е и таму како би поминал. Босанците веќе го беа откупиле.
Босна филм од некоја причина тие години беше заинтересирана за судбината на италијанските војници на овие простори, а крајно нетипичен филм беше „Туѓа земја“ по сценарио на познатиот книжевник Меша Селимовиќ, кое се бави со група окупатори носталгични за дома, кои прво мораат да се пробијат низ Босна крај партизанските стражи. Меѓу нив имаше херој (Раде Марковиќ) и анти-херој (Милорад Маргетиќ), но од причина што продуцентот нема буџет за странски глумци, овие домашните зборуваат на мајчиниот, повремено фрлајќи по некој италијански збор. Тој филм немаше проблеми со цензура затоа што го режираше Словенецот Јоже Гале, директор на фотографија беше Иван Маринчек, а музиката ја склопуваше тогаш сeприсутниот Бојан Адамиќ.
За Германците, на преминот меѓу педесетите и шеесетите беа резервирани исклучиво негативни улоги, во „Козара“ на Вељко Булајиќ (продуцент е повторно Босна филм) тие се анонимна орда која силува млади селани (една од нивните жртви е и Милена Дравиќ, а нејзин злоставувач е младиот Слободан Велимировиќ) и се обидува да ги истреби партизаните од тамошните брда. Донекаде профилиран е само германскиот офицер што го глуми (ама не премногу) покојниот Божидар Смиљаниќ, а ефектна сцена има единствено Бранко Лустиг, помошник на продуцентот кој замолил да му дадат барем мала улога, така што „глуми“ Германец што ослепува од експлозија, и тоа во крупен план.
Некои од домашните глумци се специјализираа во улогите на германски официри, на пример, Бранко Плеша, театарска и телевизиска ѕвезда, која во омнибусот „Вртлог“ во режија на Хајрудин Крвавац и Гојко Шиповац, имаше интересна епизода во приказната „Татко“. Тој на некој селанец му понуди избор - исто како во книгата на Вилијам Стирон и филмот „Sophie's Choice“ со Мерил Стрип - да спаси еден од синовите, а другиот да оди на стрелање. Плеша подоцна глумеше Германци и во акциониот филм на Часлав Дамјановиќ „Бомба во 10 и 10“ (кој одлично се продаваше по светот), и во спектаклот на Столе Јанковиќ „Партизани“ со Род Тејлор и Бата Живоиновиќ, и во „Песна“ на Живоин Павловиќ - работен по романот на Оскар Давичo - и во „Партизанска ескадрила“ на Хајрудин Крвавац.
Последниов, прв „увезе“ странски глумци за потребите на своите партизански филмови, па така Ханјо Хасе и Вилхелм Кох-Хеге играа германски офицери како во „Мостот“ така и во „Валтер го брани Сараево“ и не се мачеа со германскиот како нивните овдешни колеги. Булајиќ повторно отиде чекор понатаму и за „Битка на Неретва“ ги ангажираше западно-германските ѕвезди Круд Јиргенс и Харди Кригер, од кои првиот е само шрафче во добро подмачканaта германска машина, а другиот прави мала актерска парада и се повлекува во клучниот момент, воодушевен од храброста на југословенските партизани. Кригер веќе имаше искуство со такви улоги: глумеше германски пилот што бега од британски логор за да ја продолжи битката против сојузниците, во британскиот воен филм „The One That Got Away“. Требаше да глуми и во „Сутјеска“, панданот на „Битка на Неретва“ но го напушти снимањето изнервиран поради особениот третман што го добивал Ричард Бартон, филмскиот Јосип Броз - Тито.
Посебен случај е германскиот глумец Петер Карстен, чии две сопруги потекнуваа од овие краишта, па не беше тешко да се добие за улога во партизанските филмови. Играше во акциониот спектакл „Партизани“, па во споменатата серија „Песна“, во серијата „Марија“ на Стипе Делиќ, „Момински мост“ и „Врвовите на Зеленгора“, потоа во „Враќањето на отпишаните“, „Пеколниот остров“ и „Партизанска ескадрила“, и толку да беа добро ќе беше. Булајиќ го ангажираше за филмот „Донатор“, каде глумеше со Деметр Битенц, словенски глумец кој играше такви улоги уште на републичко ниво, почнувајќи од „Доброто старо пијанино“ и „Акција“ па до „Мостот“ на Крвавец и „Битка на Неретва“.
Карстен глумеше и во серијата „Каде одат дивите свињи“ на Иван Хетрих по сценарио на Иво Штивичиќ, па и во бизарниот партизански филм „19 девојки и еден морнар“ со Серж Генсбур и Џејн Биркин, но со оглед на тоа што овој славен актерски пар не обезбеди богзнае каква дистрибуција, тој остана најдобро запамтен по големиот хит „Валтер го брани Сараево“. Познати се и „Мирко и Славко“ по истоимениот стрип, патетичниот воен филм „Црвена земја“, награден во Пула. Крвавац не можеше без него ниту во „Партизанска ескадрила“, а вистинско чудо е како на него се сети и Антун Врдољак, за својот филм и серија „Долга мрачна ноќ“, иако во тоа време тој веќе не играше такви улоги. Пресметано е дека тој настапува во вкупно 230 филмови и ТВ серии, меѓу кои доминираа улоги во различни униформи.
Слободан Чичо Петровиќ не бегаше од воени филмови, беше одличен во „Мостот“ на Крвавац, како проектант на главниот објект што партизанските диверзанти сакаат што побрзо да го срушат, но една од најважните улоги му беше онаа во филмот „Зимување во Јакобсфелд“ и серијата „Салашот во Мали Рит“ каде глумеше германски селанец кој облекува униформа само за да ги импресионира соселаните. Неговиот лик, Јакоб Јерлих, не е негативец, а неговиот противник (Славко Штимац) дури и го респектира во извесна смисла. Понекогаш и една мала улога на германски офицер, во популарна серија како „Отпишани“ и „Враќањето на отпишаните“ - каков што беше случајот со Стево Жигон и улогата на германскиот офицер Кригер - беше доволна да се остане запаметен засекогаш.
Истото е случај и со Радко Полиќ кој во „Партизанска ескадрила“ го глумеше Лудвиг Клауберг, но уште подобро го запаметија како капетанот Дитрих во филмот „Балкан експрес“, кој имаше и свое продолжение, „Балкан експрес 2“, како серија од десет епизоди. Го запаметија сите кои ги интересираше таква врска на „треш“ тракатанци. Фашистите во текот на седумдесетите паднаа во втор план, но ги воскресна Милан Штрљиќ во „Окупација во 26 слики“ на Лордан Зафрановиќ, во улогата на младиот Италијанец Тони, кој облекува униформа во надеж за промоција и унапредување во војската што го зазела Дубровник. Со распадот на Југославија како речиси целосно да исчезнаа Германци, усташи, фашисти и партизани, ама речиси.
Вилим Матула беше ѕвезда во „Долга мрачна ноќ“, играјќи го германскиот офицер Резлер, кој шврља со месниот фолкдојчер Јозеф Шмит. Екстравагантно, нема што, но го спасува одмерената интерпретација на германскиот водник Хекер во „Дневникот на Диана Будисављевиќ“: тој не се поистоветува со животното кредо на главната јунакиња, спасувањето на српски младинци од Козара, но не презема ништо што би ја оневозможило. И самото тоа го чини своевиден херој во такви воени околности“.
***