Снајдер верзијата на Супермен е темен, мрачно-витешки карактер, кој повеќе гледа да ги претепа негативците отколку да ги спаси луѓето.
Од друга страна кога во 2013-та излезе последниот Супермен филм, тој беше критикуван и од авторот на стрипот Супермен: Родено право, Марк Веид, по кој и делумно е снимен филмот, дека ликот е "крајно невесел" и дека никој не е заинтересиран за "неуморна тага од човек што може да лета."
"Она што добар дел од фановите не го разбираат е дека Супермен не беше отсекогаш овој голем извидник во сино што тие го знаат и го засакале. Всушност, во почетните фази од развивањето на ликот, тој воопшто не беше херој, туку негативец. Па дури и откако Супермен стана поборник за добро во своите рани години, неговиот бренд на правда, во морална смисла, беше сив како што е палетата на бои што во себе ја содржат филмовите на Снајдер. Со други зборови, најновата инкарнација на Супермен не е толку предавство на потеклото на ликот како што е несвесно враќање кон него," пишува Чарлс Мос во анализата на карактерот на Кал-Ел.
Мос објаснува дека првото појавување на Супермен не е во Екшн Коминкс бр. 1 во јуни 1938-та, туку неговите автори Џери Сигел и Џо Шустер прв пат го објавуваат ликот во 1933-та, во кратката илустрирана приказна Господарењето на Супермен, каде што тој е претставен како ќелав негативец не многу поразличен од Лекс Лутор. Во таа верзија Супермен наместо физичка суперсила, има способност да им го чита и контролира мозокот на луѓето со цел да завладее со светот.
Промената на карактерот на Супермен ја прави Џон Сигел, кој го претвора ликот во херој, по некои шпекулации затоа што татко му на Сигел бил убиен од крадци. Тука Супермен ги добива почетните супермоќи - сила да крене автомобил, можност за летање...
Во првата деценија од постоењето (до кај 1940-те), Супермен се справува со многу човечки проблеми: заштита на сиромашните, борба против корпорациите и корумпираните политичари, мафијаши, несоодветни услови за живеење, сиромаштија. И во овој период тој е "суров, речиси безмилосен Супермен."
"Во тоа време Супермен повеќе живее по 'око за око' учењето од Стариот завет, отколку според 'сврти го другиот образ' филозофијата на библиското продолжение на Исус,'" објаснува Мос.
Во книгата Комик Бук Нејшн, за Супермен пишува:
"Публиката која го знае прилично крутиот и морално исправниот карактер во кој Супермен се претвори со тек на време ќе биде изненадена кога ќе дознае дека оригиналниот лик на Сигел и Шустер всушност беше насилен и циничен лик...
... Супермен на тепањето гледаше со адолесцентски сјај во очи, редовно користејќи ја шансата да ги исмејува и понижува своите противници додека ги парталеше."
Дополнително некарактеристично од сегашна гледна точка е што тој во ова време се пресметува и им се заканува на обични смртници.
Карактерните црти почнуваа да се менуваат на почетокот од 1940-те, кога започнува неговото радио-шоу. Тука тој за прв пат почнува да лета и го добива прекарот "Борецот на угнетените." Заради радиото е измислена и единствената слабост на Супермен, криптонот, и тоа само за да му се дозволи на актерот кој го зборувал во радио шоуто да оди на одмор и да биде заменет од друг.
Со радиото почнува да умира помрачниот, циничен и саркастичен Супермен од времето на Депресијата, и се појавува негова лајт верзија наменета за поширока јавност. По нападот на на Перл Харбор тој, како и другите стрип ликови, стануваат уште попатриотски насочени.
До крајот на 50-те, Супермен ги има речиси сите супермоќи што денес ги знаеме: летање, супер сила, ласер од очи, супер брзина, рендгенски поглед, супер слух и супер здив.
Филмовите со Кристофер Рив само го бетонираат Супермен како перфектен лик без ниту една мана.
Ова е и основата на проблемот со Супермен - како да направиш интересен, лик за кој однапред знаеш дека може да направи се', на кој никој ништо не му може и кој е перфектен.
Токму ова Зак Снајдер го решава во филмот од 2013-та, а во новото продолжение само го засилува, притоа трпејќи ги критиките дека се обидува да изведе "Кристофер Нолан минато" за неговиот лик.