Најнесреќниот маж на светот: Јапонец, сингл

Може да биде тешко да се биде сингл (оти па во брак не е), но, и покрај предизвиците, во Јапонија повеќе од кога и да било, луѓе се решаваат да тераат сами до крај на животот. Резултатот од таква одлука се манифестира различно кај мажите и кај жените. Клучна е разликата во перцепцијата на бракот; мажите се убедени дека жените малку даваат а жените дека мажите многу бараат.

Графиконите од Министерството за здравство, труд и социјална помош покажуваат дека бројот на луѓе кои ги достигнуваат своите 50-ти години без да се венчаат драматично се зголемил. На пример, во 1980 година, само 2,1% од мажите на возраст меѓу 50 и 54 години биле неженети. До 2020 година, тоа скокна на 26,6%. Жените забележале помала, но сепак значајна промена, од 4,5% на 16,5%.

Според едно истражување, самечкиот живот е особено тежок за јапонските мажи.  37.8% од нив се несреќни. Кај жените ситуацијата не е баш иста.

Додуша немажените жени се посреќни од неженетите мажи и на поширок план, но за Јапонија има пар детали.

Прво, таму мажените жени се понесреќни од немажените, со мала но мерлива разлика. Ова веројатно ги одразува нееднаквите оптоварувања што им се ставаат на грб на жените во јапонските домаќинства.

Сингл Јапонците се понесреќни дури и од нивните британски побратими, стандардно тажните сингл Англичани. Речиси 40% се изјаснуваат како несреќни а кај оние со жена таквите се под 10 %.

Во игра се неколку варијабли: сингл мажите во просек имаат помалку платени работни места и високо образование, што може да придонесе за нивното општо чувство на себепоимање. 

Според познавачи, далеку поголем фактор се очекувањата на мажите, наметнати од традиционалниот концепт на јапонскиот брак. Тие очекуваат жените да се жртвуваат за доброто на мажот, а денес -  тешко тоа. Од друга страна, жените се толку преоптоварени во бракот што многумина избираат да го прекинат. И генерално се посреќни поради тоа. 

На тоа укажуваат и стапките на самоубиства. Разведените Јапонци почесто се склони кон самоубиство додека разведените Јапонки помалку дигаат рака на себе.

4 мај 2025 - 12:50