Романтиката и сексот на првата брачна ноќ веројатно ретко паднал на пониски гранки отколку во случајот на овие двајца свежо венчани млади луѓе, обајцата државни службеници од една источна кинеска провинција.
Тие во таа ноќ виделе можност за создавање "преубави спомени" па решиле вечерта да дадат свој придонес кон кампањата "Копирај го уставот на Комунистичката партија во 100 дена" а фотографиите ги објавиле на интернет, веројатно за да ги видат и нивните шефови во Бирото за железница во која работат.
Инаку, ваквата иницијатива тргна во март како дел од национална образовна кампања насочена за подигнување на свеста за тоа што сè добро има во уставот, правилата на партијата и говорите на генералниот секретар Кси Јинпинг.
Глобал Тјмас напиша дека цел на кампањата се и партиските членови на кои им се расклатила довербата во комунизмот и социјализмот со кинески лик, и сите оние кои проповедаат западни вредности, ги кршат партиските правила, забушаваат на работа или се однесуваат неморално.
Ако е така, да препишеме и и ние по некој член од Уставот:
Член 3, алинеја 6:
Партиските членови треба сериозно да се ангажираат во критика и само-критика, храбро да ги обелоденуваат грешките во работата и решително да се борат против корупцијата и другите негативни феномени.
Алинеја 5:
Членовите треба да бидат лојални и искрени кон партијата, да ги синхронизираат своите зборови и дела и цврсто да се спротивстават на фракции и мали клики како и да бидат против лицемерието и измамите од кој било вид".