Во изминатите две децении Гејтс стана водечкиот глас од светот на бизнисот кој се посвети на решавање на глобалните проблеми, од искоренување на болести, до подобрување на образовниот систем и борба против климатски промени и решенија за ковид-19. Сето ова со аура на приземен милијардер и извонреден семеен човек.
На 3-ти мај се случи првата зуцка во имиџот на Бил Гејтс, кога беше објавено дека тој и Мелинда Френч Гејтс се разведуваат по 27 години заедно. Ова беше сериозно изненадување, бидејќи и покрај тоа што јавноста веќе со децении го следи животот на Гејтс неговиот приватен живот никогаш не бил под сомнеж дека има какви било проблеми.
Претходно сите критики за Гејтс се однесуваа на начинот на кој тој управуваше со Микрософт (кога му го одзема делот на ко-основачот Пол Ален, додека тој беше на лекување од рак), или како ги уништуваше конкурентските компании и создаде монопол, и секако ужасноста на Виндоус оперативниот систем во првите дваесетина години од постоењето.
Некаде во 2000-те тој решава да ја напушти позицијата најомразен човек во технолошката индустрија, и се повлече од Микрософт. По ова Бил се посветува на Бил и Мелинда Гејтс фондацијата, преку која дава над 50 милијарди долари за борба против маларија, СИДА и зголемување на вакцинацијата на деца.
„Секако овие масовни филантропски дела значително им помогнаа на ранливите популации. Но тие се покажаа и изненадувачки ефикасни во рехабилитирањето на неговиот имиџ од тиранин технократ во свет спасител. Добрите дела купија добронамерност. Годишните писма од фондацијата станаа попопуларни од лансирањето на нови производи на Микрософт.
Медиумската осуда главно исчезна, и беше заменета со постојани појавувања како гостин-уредник во големи публикации кои беа жедни за револуционерните идеи на Бил. Неговиот ТЕД говор од 2015 има десетици милиони прегледи, неговите повремени препораки на книги беа на рамниште на препораките од Опра, а по некое време и Барак Обама го награди со Претседателскиот медал за слобода,“ пишува Остин Кар во текстот за Блумберг.
Во случајот со Гејтс станува збор за многу повеќе од површна слава, бидејќи неговите совети беа клучни околу некои контроверзни прашања (неодамна тој лобираше против укинување на патентите за ковид-19 вакцината). Иако невладините и непрофитните организации ќе продолжат да земаат пари од неговата фондација, информациите кои излегоа за Гејтс по разводот се очекува дека сериозно ќе ја разнишаат неговата позиција, па најверојатно нема да биде „откажан“ но се очекува дека ќе биде соборен од позицијата морален столб на човештвото.
Годинава требаше да биде годината кога Гејтс тргнува во јуриш против глобалното затоплување. Тоа започна во февруари со објавување на неговата книга „Како да избегнеш климатска катастрофа“, по што почна со регрутирање на глобални лидери и обични потрошувачи повеќе да инвестираат во зелена технологија, да купуваат повеќе електрични возила и да јадат помалку месо. Меѓутоа оваа кампања едвај издржа неколку месеца пред целото внимание на светот да се сврти кон неговиот развод.
Дури ни целата црна кампања која повеќе од една година се води против него, како зол светски тиранин кој сака со вакцини да го чипира човештвото, не успеа ни приближно да му наштети на неговиот имиџ како „милијардер на народот“ колку информациите кои излегоа по неговиот развод.
И покрај излегувањето од Микрософт тој останува митолошки лик меѓу највисоките директори на денешната технолошка индустрија, како еден од првите луѓе што успева да создаде милијарда долари вредна технолошка компанија, како и заради неговата визија околу технолошките производи и сервиси. Меѓутоа статусот на Гејтс и кај оваа демографија сега е во опасност, откако Вол стрит журнал објави дека дел од директорите на Микрософт сакале тој да си замине од бордот заради истрагата за неговата врска со вработена од пред две децении.
„Со години тој беше доволно почитуван за да може да им мава заушки на технолошките директори кои вообичаено се индиферентни кон надворешните критики. Уште пред да биде мода, Гејтс ја критикуваше Силициумската долина за запоставување на проблематични општествени теми и наместо тоа посветување на креирање апликации и уреди. ('Кога умираш од маларија, претпоставувам ќе погледнеш нагоре и ќе видиш балон, и не знам како тоа ќе ти помогне,“ беше коментарот на Гејтс околу планот на Гугл за глобален интернет со помош на балони.) Тој исто така се обиде да ја смири ароганцијата на ЦЕО-то на Фејсбук кој ја наследи улогата на најомразен гик, а летоска го укори Илон Маск за неговите ставови околу пандемијата...
... Во меѓувреме приказната за искупување на Микрософт е доволно силна под Надела, што Гејтс повеќе не е потребен. Дури и станува се поверојатно дека во блиска иднина, на корпоративните настани на Микрософт појавувањата на Бил Гејтс ќе бидат заменети со појавувања на Стив Балмер, некогашниот негативец наследник на врвот на Микрософт, а денес драг лик и сопственик на Лос Анџелес Клиперс.
Гејтс се заколна дека никогаш нема цел што сакал да ја исполни до крајот на животот, а запрашан за неговата оставина тој рече дека тоа е глупост. За 65-годишен човек кој слуша предавања по историја дур е на подвижната патека и поседува оригинални журнали од Леонардо да Винчи, не е баш за верување дека Гејтс не размислувал за тоа како идните генерации ќе гледаат на неговото животно дело. Меѓутоа како што тој рече во 2005, кога започнуваше со второто поглавје од неговата кариера, 'не е важно, тоа не ме мотивира. Без разлика дали сите сме заборавени или запаметени, тоа не го менува она што секој ден го правиме',“ пишува Кар.