(Скоро па) најважното ветување што можеш да си го дадеш за 2018

Драмите со компјутерска безбедност и хакирање профили и смартфони што се случуваа во 2017, најверојатно ќе се влошат и ќе се случуваат и догодина. И генерално ти не можеш ништо да направиш околу безбедноста на некој он-лајн сервис или социјална мрежа што ги користиш, ама и тоа како можеш да направиш нешто околу безбедноста на сопствениот уред и дело.

Брајан Чен од Њујорк тајмс објаснува дека „кошмарите со сајбер безбедноста во 2017, ја нагласуваат потребата да се заштитиш себе си“ и дава список од пет работи што треба ги направиш за 2018 да имаш раат дигитален живот:

 

1. Апдејтирај го софтверот

Крајно разумно и не треба да се спомнува, ама и покрај тоа рансомверот Вонакрај годинава за неколку дена успеа да зарази 200 Виндоус компјутери преку безбедносен пропуст за кој Микрософт веќе имаше издадено апдејт и закрпа. Како „заложници“ паднаа компјутерите на болници, академски институции, компании и слично.

Правилото е дека сè што има контакт со твојата информатичка безбедност: оперативен систем, антивирус, рутер, апликација за памтење пасворди и твојот веб-браусер, мора постојано да ги има најновите апдејти.

 

2. Читај ја политиката за приватност

Не се завршува во еден клик како со апдејтите, ама е подеднакво важно. Годинава соработката меѓу Убер и Анрол.ме беше еден од примерите за дрскоста на технолошката индустрија. Сервисот Анрол.ме бара пристап до вашето меил сандаче, а за возврат ветува дека ќе го прочешла и ќе открие на кои сè меил листи сте претплатени. По ова сервисот ви дава опција да бирате од кои се листи ќе се избришете.

Наспроти вака длабоко хуманистичката улога, во Политиката на приватност на Анрол.ме пишува дека со зачленување на сервисот вие се согласувате дека компанијата „може да собира, користи, префрла, продава и објавува не-персонални информации за која било цел.“ Кога се објави дека Анрол.ме податоците од своите корисници (список на атачменти со фактури што конкурентот на Убер, Лифт, им ги испратил на своите корисници) му ги продал на Убер, сите беа гневни што компанијата го направила тоа што напишала дека ќе го направи.

Чен како пример дава и едно негово неодамнешно искуство кога се обидел да испрати факс преку еден он-лајн сервис. Во политиката за приватност на сервисот пишувало дека при испраќање компанијата собира чувствителни информации, како социјален број и број на возачка дозвола, по што тој се откажува од ова и наоѓа физички факс преку кој го праќа факсот.

„Досадно е да читаш, ама ќе ви заврши голема работа.“

 

3. Избриши ги непотребните апликации

Ова може да се надополни и со не инсталирај нови непотребни апликации и не се логирај секаде со својот меил или Фејсбук / Твитер профил.

Најверојатно има апликации и веб-сервиси кои не паметиш дека си ги симнал или дека си се претплатил, и тие би можело уште да ги имаат твоите податоци.

Правилото е барем еднаш годишно да направиш ревизија на апликациите што ги имаш симнато и на кои им имаш дадено пермисии до твоите профили и сметки. Сè што не си допрел повеќе од неколку месеци најверојатно нема ни да ти потреба.

На Фејсбук во Settings под Apps имаш список на сите апликации на што се поврзани со твојот Фејсбук профил. На Гмаил во твојот акаунт под Connected apps & sites ги имаш сите апликации што имаат некаков пристап до твојата сметка, а на Твитер ова е во Settings and privacy > Apps.

 

4. Користи ВПН

Ова веројатно изгледа како „најхакерското“ нешто од листава, ама не бара ништо повеќе од неколку кликови.

Интернет провајдерите имаат постојан увид и ја запишуваат секоја ИП адреса или сајт што некогаш си го посетил. Ова најлесно се решава со претплата на некој ВПН сервис. Со ова, целиот сообраќај ти се насочува кон ВПН сервисот, а од таму продолжува кон која адреса и да сакаш да ја отвориш. По ова се што добива интернет провајдерот е дека ти се врзуваш постојано на една ИП адреса, без да има прегледност каде продолжуваш од таму. Проблем е што ВПН-те знаат да работат побавно, а некои апликации воопшто не ни работат на нив. Добро е што се посебно корисни ако отвораш некој сајт, социјална мрежа и слично додека си на јавно ви-фи од кафуле или аеродром.

 

5. Заштити го сопствениот хардвер

Последното е совет за сопствен мир и раат во време кога сите гледаат да ги направат смартфоните со што е можно поголем екран и стакло. Најосновниот совет е купи заштита за екранот, понапредната верзија е купи маска за целиот уред.  Лошо е што комплетно ќе го скриеш уредот чиј изглед е доведен до статус на ремек-дело. Добро е што ќе ти биде здрав, читав, без зуцки и гребаници.   

29 декември 2017 - 16:31