Ерик Ендру-Џи во анализата за канадски Глоуб енд меил, зема предвид повеќе студии спроведени од психијатри, невролози, експерти за јавно здравје и маркетинг агенции. Овие материјали покажуваат дека „смартфоните предизвикуваат реално оштетување на нашиот мозок и врските со другите луѓе, кои се мерат во секунди намалени од нашиот просечен распон на внимание, намален мозочен капацитет, пад во балансот меѓу работата и приватниот живот и помалку време за семејството.“
„Тие ја нарушија нашата способност за паметење. Тие го отежнуваат фанатизирањето и креативното размислување. Нè прават поранливи на анкциозност. Прават родителите да ги игнорираат своите деца. И создаваат зависност, ако не во клиничка смисла тогаш низ очигледните постапки,“ пишува Ендру-Џи.
Еден од примерите што тој ги дава е дека во првите 5 години од „смартфон ерата“ (која почнува во 2007 со првиот Ајфон), процентот на Американци што изјавил дека користењето на интернет им одзема од семејното време се зголемил од 11 на 28 проценти.
Ова што го пишува Ендру-Џи изминатава година го алармираа и поранешни вработени на Гугл, Епл и Фејсбук, вклучително и нивни високи директори, кои проговорија за штетното влијание на смартфоните и социјалните мрежи, посебно предупредувајќи за нивниот ефект врз децата.
Крис Марселино, човекот што помогна во развивањето на пуш-нотификациите на Епл, за Гардијан изјави дека смартфоните ги навлекуваат луѓето преку истите нервни мрежи што ги користат коцкањето и дрогите.
Шон Паркер, поранешниот претседател на Фејсбук, неодамна призна дека најголемата социјална мрежа на светот е направена да ги навлекува корисниците со млазови допамин.
Поранешниот потпретседател на Фејсбук за раст на корисници, Чамат Палихапитија, во говор од ноември минатата година изјави дека цело време додека го граделе Фејсбук „некаде скриено во задниот дел од мозокот“ претпоставувале дека нешто лошо може да се случи.
„Имаме мозок на хомо-сапиенс наспроти најмоќните суперкомпјутери и милијарди долари... ова е како да донесеш нож на борба со вселенски ласери.
Еден ден ќе погледнеме наназад и ќе кажеме ’Добро, зошто сме си го правеле ова?’“ објаснува поранешниот продукт менаџер на Гугл, а денес основач на непрофитната организација за помалку користење технологија, Тајм вел спент, Тристан Харис.
Говор во кој Палихапитија најискрено предлага да се баталат социјалните мрежи тука.
Комплетниот текст на Ендру-Џи тука.