Хуавеи може тајно да пристапи на мобилните телекомуникациски мрежи низ целиот свет преку „задна врата“ направена за потребите на органите на власта и ова го може повеќе од една деценија, стои во разузнавачките документи што американските власти им ги имаат доставено на своите сојузници.
„Кога производителите на телекомуникациска опрема продаваат хардвер како свичеви, базни станици или антени за мобилни оператори - од кои се составени мрежите на мобилната телефонија - тие со закон се обврзани во нив да вградат начин како властите (на земјата во која ја продаваат опремата) да можат да влезат во овие мрежи заради најразлични законски потреби.
Притоа производителите се обврзани да се осигурат дека компанијата нема да може да го користи овој пристап без дозвола од операторот. Само претставниците на власта или овластени луѓе од операторите можат да го користат овој ’влез’ во мрежата. Ваквиот пристап е уреден со закони и протоколи од секоја држава.
Според американски функционери, Хуавеи има вградено опрема која тајно ја зачувува нивната способност за пристап до мрежите преку овие интерфејси, без знаење на операторите. Функционерите не дале детали за тоа каде веруваат дека Хуавеи е во можност да го направи тоа. Она што тие го нагласуваат е дека други производители на телекомуникациска опрема ја немаат истата способност,“ објавува Вол стрит журнал.
Компанијата на сите можни начини ги отфрла обвинувањата како неосновани, потврдувајќи дека во нивната опрема постои заден влез за потребите на властите и операторите, меѓутоа „на ниту еден вработен на Хуавеи не му е дозволено да и пристапи на мрежата без експлицитно одобрение од мрежниот оператор.
Вашингтон веќе со месеци ги споделува овие информации со сојузниците, а дел од нив минатата недела беа декласификувани со цел да се овозможи нивно поголемо ширење.