ЕУ ги озакони дигиталните шпиони во колите

Откога почна да се вградуваат камери и сензори во колите, отворено е прашањето дали тие повеќе им помагаат на возачите, на осигурителните компании или на владините агенции што ги надгледуваат граѓаните. Новите правила на ЕУ ја оставаат таа дилема отворена. Ќе се снимаат погледот и сите движења на возачите, а сите податоци ќе се чуваат во „црна кутија“.

Од 7 јули стапи на сила последната фаза од ажурираната Општа регулатива за безбедност на ЕУ (GSR 2), според која системите што постојано го следат вниманието на возачот (ADDW) ќе бидат задолжителна опрема за сите нови возила при првата регистрација насекаде низ Европската Унија. Новиот стандард важи за сите патнички автомобили, комбиња, камиони и автобуси.

Новите модели веќе се опремени со камери и сензори што го следат погледот на возачот и брзината на неговите реакции и системот реагира со звучни сигнали или вибрации ако оцени дека му е одвлечено вниманието. Но, овие податоци по дефиниција не се снимаат и не се споделуваат.

Регулативата на ЕУ го менува тоа. Задолжителна опрема треба да биде и Снимач на податоци за настани (EDR), сличен на „црните кутии“ што се вградени во патничките авиони. Во нив се чуваат сите телеметриски податоци – и за возилото и за луѓето во него. Сопственикот нема пристап до нив, но би можеле да се откријат по несреќа или при други случаи.

Задолжителниот хардвер се активира при движење. Предупредувањата се интензивираат сè додека возачот не го врати вниманието на патот. Како што се зголемува брзината, се заострува и контролата и интензитетот на визуелните, акустичните или хаптичките предупредувања кога системот ќе оцени дека возачот го губи вниманието. При брзини над 20 километри на час, прагот на предупредување е 6 секунди, а при брзина од 50 километри на час се намалува на 3,5 секунди.

Ова е претставено како технологија што спасува животи. Скептиците ги гледаат инсталираните камери и сензори како основа за многу пошироко следење на граѓаните. Покрај тоа што може да реагираат на почитување на дозволената брзина и на сообраќајните знаци и прописи, системите имаат капацитет да следат кога и за што се користат мобилните телефони, да ги читаат биометриските податоци на патниците и во реално време да ја следат локацијата на сите во автомобилот.

Сегашните правила наведуваат дека камерите мора да работат без биометриска идентификација и врз принципот „Ниту едно видео не смее да го напушти возилото“.

Но, досегашни искуства укажуваат дека системот може да се злоупотреби. Пред неколку месеци беше откриено дека новиот систем на Форд за камиони користи ВИ за скенирање лица, читање усни во бучни средини и откривање емоционални состојби. Во реално време може да се поврзе со бази на податоци на полицијата или на сопственикот на возниот парк, во случај на комерцијални возила. Нови уреди може целосно да го блокираат движењето ако оценат дека возачот е под дејство на алкохол или наркотици.

Џенерал моторс во мај во вонсудска спогодба со сојузната држава Калифорнија плати близу 13 милиони долари затоа што преку својот систем OnStar се поврзал со брокерите за податоци LexisNexis Risk Solutions и Verisk Analytics, кои потоа ги препродавале телеметриските податоци на осигурителни компании за да креираат профили на ризик. Федералната трговска комисија на САД ѝ забрани на компанијата да продава податоци за возачи во период од пет години.

******
Види и: Колите ќе бидат и шпиони и лекари и сообраќајци
Некој ве шпионира и има четири тркала

10 јули 2026 - 08:48