Колите ќе бидат и шпиони и лекари и сообраќајци

Не беше толку одамна кога колите беа машини што ќе ве однесат до посакувана дестинација. Модерните технологии ги претворија во шпиони што следат се што се случува во кабината, од лозинките во системот до фокусирањето на погледот на возачот. Тоа повеќе нема да биде избор, туку обврска за сите производители на нови коли.

Почнувајќи веќе од идната година, секој нов автомобил што ќе се продава во САД ќе мора да има вградени системи што автоматски и постојано ќе го следат лицето на возачот и неговите движења. Оваа мерка е вклучена во поширока федерална иницијатива за безбедност во сообраќајот.

Предвидено е во сите нови коли да бидат вградени и сензори за мерење на концентрација на алкохол, за да спречат возење во пијана состојба.

Ако забележи чудни однесувања или пад на концентрацијата, системот може предупреди со звучен сигнал или гласовна порака, а во „екстремни“ случаи и да ја намали брзината, заради безбедноста на патниците. Во колите способни за автономно управување, како моделите на Тесла на пример, автомобилот целосно би ја презел контролата, би паркирал на безбедно место и би спречил ново активирање.

Поддржувачите на технологијата тврдат дека придобивките се очигледни. Ако системите можат да спречат макар и дел од сообраќајните несреќи предизвикани од возење под дејство на алкохол, тоа би значело спасување животи.

Возачи, пак, се жалат дека ова не е мерка за пасивна безбедност, како појасите или воздушните перничиња, туку активно следење на сите дејства во приватен простор. Тоа значи дека машината, а не човекот што седи зад воланот, ќе ги носи клучните одлуки, кои може да бидат и погрешни и несоодветни за ситуацијата.

Неколку истражувања покажаа дека системите се далеку од совршени и често пати погрешно утврдуваат замор или пад на концентрацијата на возачот и му ја одземаат контролата.

******
Види и: Некој ве шпионира и има четири тркала

29 април 2026 - 12:43