
Автомобилската кабина денес е маскиран кодош, кој тивко ги симнува вашите податоци секогаш кога ќе го приклучите телефонот на инфозабавниот систем. Краткиот список вклучува: контакти, дневници на повици, СМС, електронска пошта, распоред од календарот, метаподатоци, фотографии и видеа, историја на ГПС локации...
За разлика од смартфонот, не прашува ништо. На возач не смее да му се одвлече внимание. Автомобилските системи работат под тивка претпоставка дека откако ќе седнете зад воланот прифаќате сè.
Колку е понапредно возилото, толку е поинвазивно. Рекламирани дека ќе помогнат полесно и поудобно да стигнете од едно до друго место, уредите постојано го следат возачот, неговиот поглед, силата со која притиска врз педалите и го врти воланот. Ги паметат сите дестинации и рути, навиките и плејлистите.
Податоците не остануваат во автомобилот - и не исчезнуваат. Остануваат дури и по „фабричко ресетирање“.
Студија на Privacy4Cars од 2021 година покажа дека над 80% од користените возила сè уште ги чувале дигиталните податоци од претходни сопственици: Кориснички имиња и лозинки, историја на повици, содржини на пораките.
Просечниот нов автомобил сега е опремен со над 100 сензори. Она што некогаш беше само седиште и волан, сега е биометриска лабораторија на тркала. ГПС системот ги снима секоја маршрута, свиок и претекнување. Камери го следат погледот и креваат тревога ако тој не е насочен кон патот или ако се затворат очите. Софтвер за препознавање лице анализира дали сте лути, расеани или вознемирени. Микрофони го ловат секој збор. Тивко се следат и тежината и поставеноста на телото. Воланот го бележи срцевиот ритам преку дланките. Сензорите ги следат и патниците – колкумина се, каде седат и дали се прицврстени со појаси.
Тоа е храна за осигурителните компании, за сообраќајните служби, но и за рекламните агенции што и во секојдневно патување гледаат можност за заработка. Врз основа на возачките навики осигурителните компании ги одредуваат премиите. Агентите за реклами сакаат да знаат кога и каде патувате, за да ви понудат соодветни производи.
Сосема друго прашање е кој сè и со какви намери може да се поврзе на блутут или вајфај мрежата на автомобилот.
Производителите не се обврзани да предупредат на ништо од ова. Нема закон што налага да се напишат уште неколку реда во прирачникот во кој се наведува интервалот за ротација на гумите или се предупредува: „не ја пијте течноста од батеријата!“.