Ограничувања на трансакциите со готовина, задолжителен надзор на криптовалути и дигитален прототип на евро до 2027 година фундаментално ќе го променат начинот на кој 340 милиони граѓани од ЕУ ги користат парите. Трансформацијата преку технички регулаторни пакети ќе создаде систем на финансиска следливост, за кој европските институции инсистираат дека ќе ги заштити граѓаните, но критичарите предупредуваат дека би можел да воспостави инфраструктура за сеопфатен економски надзор.
Основниот механизам функционира преку три меѓусебно поврзани компоненти. Од 2027 година се забранува плаќања во готовина над 10.000 евра низ целата ЕУ. Регулативата ќе се применува универзално - и за трговци, и за професионалци и за приватни лица. Повеќе нема да може да се купи половен автомобил од 11.000 евра во кеш. Образложението е борба против перењето пари. Криминалните мрежи го користат плаќањето во кеш за да уфрлат нелегални приходи во легитимна трговија.

Ќе се бара целосна идентификација при трансакции со криптовалути. Сите даватели на крипто услуги, како берзи или паричници, мора да спроведат сеопфатни протоколи. Криптовалутите повеќе нема да бидат аналогни на физичките пари, туку на хартиите од вредност. Луѓето што сакаат да префрлат 50 евра во биткоини преку европска берза ќе мора да се идентификуваат исто како да отвораат банкарска сметка.
Архитектурата ќе биде комплетирана со дигиталната валута на Европската централна банка. Дигиталното евро би функционирало како готовински еквивалент за офлајн трансакции, со подобрена заштита на приватноста за рутински плаќања под регулаторните прагови. Ова се смета за компромисен начин да се задржи приватноста во трансакции со мала вредност, а воедно да може да се следат сомнителните активности.

Целта на овие механизми е да се спречи перењето пари. Европол и академски истражувања говорат за 700 милијарди испрани евра годишно, што е приближно 3,8% од БДП на еврозоната. Перењето пари го олеснува финансирањето на тероризмот, организираниот криминал, даночната евазија и корупцијата.
Претходните регулаторни пристапи покажаа неуспех. Досиејата на FinCEN од 2020 година открија дека европските банки обработиле над 2 билиони долари сомнителни трансакции. Големите институции платиле милијарди долари казни, но продолжиле да олеснуваат нелегални текови. Регулаторите се стремат кон намалување од 15-20% на испраните пари, што би изнесувало 105 милијарди евра.
Европската рамка воспоставува неколку загрижувачки преседани. Елиминацијата на анонимните трансакции во кеш и преку крипто-берзите, потоа централизацијата на надзорот преку новиот Управен орган на ЕУ за спречување на перење пари, како и следењето на трансакциите со идната дигитална валута може да предизвикаат непланирани последици врз приватноста. Идна финансиска криза, терористички напад или политичка вонредна состојба би можеле да мотивираат нивно проширување.
Светот со внимание го следи ова финансиско ресетирање како судир на спротивставени вредности - безбедност наспроти приватност, контрола наспроти слобода, колективна безбедност наспроти индивидуална слобода. Новата радикална финансиска архитектура на ЕУ ќе ги преобликува глобалните текови на капитал, слободата на граѓаните и иднината на парите, забележува во анализа независниот економски истражувач Шанака Анслем Перера.