Епл тајно му помагал на кинески БЈД да направи батерија со поголем домет

Уште од 2017 Епл се има здружено со компанијата од Шензен за да и помогне да создаде батериски систем составен од литиум железо-фосфатна батерија. Овој систем им помага на возилата на БЈД да минуваат поголема оддалеченост со едно полнење и е побезбеден отколку вообичаените батерии.

Иако Епл не поседува ништо од технологијата што БЈД ја користи во Блејд батериите, Блумберг пишува дека ова покажува до каде стигнал Епл во своите напори да произведе автомобил.

„Изминатава деценија технолошкиот титан трошеше над 1 милијарда долари годишно на својот проект за автомобил, пред целосно да се откаже од него во февруари годинава,“ пишува Блумберг.

Од проектот на кој работеле двете компании Епл требал да добие батерија за своето возило. Во партнерството инженерите на Епл придонеле со своето знаење за батерии и менаџмент на топлина, додека БЈД учествувал со познавање на производство и напредоците во употребата на литиумски железо-фосфатни батерии.

Соработката меѓу двете компании е започната пред една деценија, кога Епл е во потрага по производители на делови за својот автомобил. Тогаш инженерите на БЈД ги презентираат првичните верзии на Блејд системот пред директорите на Епл, кои се одушевени од нивната безбедност и капацитет.

И покрај повеќегодишната соработка со БЈД, ЕПЛ се повлекол од партнерството и ги разгледувал системите на другите производители на батерии.

Блејд моментално се користи во возилата на БЈД и се смета за една од најголемите предности во однос на конкуренцијата. БЈД во 2023 успеа продажбата на електрични и хибридни возила да ја зголеми на 3 милиони примероци. Во 2020 компанијата продаде 179.054 возила.

БЈД моментално е најголем производител на автомобили во Кина по бројот на продадени возила, а на краток период успеа да ја надмине и Тесла на глобално ниво.

21 октомври 2024 - 15:28