Одушевеноста од дигиталните камери траеше десетина години додека и тие не почнаа да биваат загрозени од нивните намалени реплики сместени во паметните телефони.
Фото индустријата оваа година смета на продажба на 2,5 милиони камери што е за 12% помалку од лани. Тоа значи дека оваа година за првпат пазарот ќе укнижи помалку од една илијард евра.
Во тој свет има еден ниш сегмент кој бележи пораст: полароидите. Се очекува во 2018 да бидат продадени 570.000 полароиди и да се направи промет од 45 милиони евра што е сепак пинцурска сума во однос на 20-те милијарди колку што тежи целата бранша.
На Фотокина оваа година за првпат ќе биде присутен кинескиот телеком концерн Хуавеи и германските специјалисти за слушалки и аудио-технологија Зенхајсер. Кинезите веќе се поврзаа со германскиот произведувач на луксузни камери Леика од што е јасно каде сака да ги развива своите компаративни предности.
Главен хит е вештачката интелигенција, која се очекува наскоро да доминира во фотографијата, медицинската дијагностика, транспортното управување и многу други сегменти.
Хуавеи тоа го навести уште пред една година со моделите од типот Мате 10 а трендот сега го зафаќа целиот пазар: чипови со вештачка интелигенција го подобруваат квалитетот на сликата, камерата препознава вообичаени мотиви и архитектура па ги дополнува деловите на фотографијата кои недостасуваат или се замаглени, прави чуда во дополнителното процесирање и обработка и слично.