23 годишниот Фархан ал Кули, регрут на сириската војска, бил на пункт во близина на градот Идлиб, контролиран од бунтовниците. Таа позиција требало да има 9 војници, но имало само тројца од кои едниот претпоставените го сметале за ментално неспособен па не му давале оружје.
На 27 ноември, претпоставениот на Фархан, на друг крај на фронтот, им рекол дека бунтовниците одат кон нив и наредил позицијата да се брани по секоја цена. Фурхан го фрлил оружјето, се пресоблекол во цивилка, го ставил телефонот во „airplane mode“ и заминал.
Кога се свртел по некое време, зад себе видел уште доста „цивили.“
Неочекувано брзиот пораз на некогаш застрашувачката војска се должи на деморализацијата на војниците, големата зависност од странските сојузници, особено во командната структура и растечкото незадоволство поради раширената корупција.
Од почетокот на војната во 2011 година, воената команда на Асад се потпира на сојузничките ирански и либански сили, како и на ирачките сили финансирани од Иран, за да ги обезбеди најдобрите борбени единици во Сирија, велат сите високи извори. Клучот е во тоа што значителен дел од оперативната командна структура на сириската армија беше предводена од ирански воени советници и нивните милициски сојузници, велат тие.
Многу од иранските воени советници ја напуштија Сирија оваа пролет, после израелските воздушни напади врз Дамаск, а останатите заминале минатата недела. Борците и командантите на Хезболах, пак, ја напуштија Сирија во октомври за да се фокусираат на домашната војна со Израел.
Кога Алепо беше нападнат кон крајот на ноември, на воените единици не им бил даден јасен план; наместо тоа им било кажано сами да одлучат што да прават или да се повлечат во стратешкиот град Хомс за да се обидат да се реорганизираат. Алепо падна само два дена по почетокот на офанзивата, што предизвика шок и масовно размислување за бекап план меѓу војниците.
Дезертерот од почетокот на приказнава имал плата од 40 долари месечно. За таа пара, со надредени на кои не им е гајле за него, решил дека не вреди да се гине.