Зошто украинската контраофанзива уште не доби залет?

По три седмици контраофанзива украинската армија наидува на серија фрустрирачки проблеми кои целосно ги комплицираат нејзините воени планови, дури и кога е опремена со ново западно оружје. Најголемиот проблем, како што ќе објасни еден украински полковник од фронтот е „сè е минирано, секаде.“

Без разлика на блиц бунтот кој викендов се случи во Русија, Њујорк тајмс пишува дека „Украинците и понатаму се соочуваат со пречки кои сериозно ја разликуваат оваа кампања од молскавичниот пробив во Харков во септември, а уште повеќе од офанзивата од ноември во која го освоија Херсон“.

Проблем е и што за разлика од ридестиот Донбас и густиот со шуми север, на југот на Украина главно се недогледиви отворени рамници кои нудат минимална можност за криење на украинската војска. Плус овие рамници се испресечени со руски ровови кои се простираат по цела должина на боиштето.

Едно од изненадувањата во контраофанзивата е и успехот што го имаат руските КА-52 хеликоптери кои успеваат да се протнат низ украинската воздушна одбрана и дополнително да го запрат движењето на западните тенкови и борбени возила.

„А не само што минските полиња станаа поголеми и сеприсутни, туку руските сили се покажаа способни и да ги обноват некои од минските полиња што беа исчистени со западната опрема,“ пренесува Тајмс изјава на американски воен функционер.

Тајмс проценува дека до оваа фаза на контраофанзивата, Русите успеале да оштетат или уништат 17 Бредли пешадиски оклопни возила, што е повеќе од 15% од вкупно 113 Бредлија што ги испорача САД.

Со вакво темпо украинските сили за ова време успеаа на најнапредната точка да минат околу 6,5 километри, што е помалку од половина од далечината што Украина треба да ја мине за да стигне до главните руски одбранбени позиции.

И покрај ваквите резултати, Киев и понатаму е оптимист  објаснувајќи дека главнината од украинската армија се чува во позадина и уште нема ни припарено до фронтот. Самиот Зеленски по којзнае кој пат предупредува луѓето да немаат нереалистични очекувања за филмски блицкриг преку руските одбранбени линии.

На иста линија се и функционери од администрацијата на Бајден, кои јавно бараат трпение, иако приватно признаваат дека првичниот напредок е побавен од очекуваното, признавајќи дека брзината на напредокот е реална ако се има предвид обемноста на руската одбрана.

„Украинскиот успех сега зависи од тоа колку тенкови, оклопни возила и војници ќе може да зачува пред да стигне до главна руска одбранбена линија и таму да пробие. Во текот на зимата Украина и сојузниците обучија и опремија околу 40.000 војници за овој напад,“ се објаснува во текстот на Тајмс.

Една од појавите што ја забележува Тајмс е дека украинската војска успеала да напредува на две локации кои биле помалку снабдени со западно оружје, а заглавила онаму каде што биле распоредени најсофистицираните нови оружја - Бредли возила и Леопард 2 тенкови.

За сега не може да се утврди дали таквиот исход е затоа што западното оружје е распоредено во деловите од фронтот каде Русите имаат поставено посилна одбрана.

Една од стратегиите што ја откриваат Украинците на фронтот е ловот на руски тенкови на зајдисонце со инфрацрвена камера, бидејќи тогаш металниот оклоп се уште е вжештен од сонцето и на камерата се гледа како сијалица сред ноќта.

„Се уште ја тестираме нивната одбрана. Не би рекол дека ова е целосниот напад. Се уште проверуваме,“ изјавил еден од украинските команданти.

27 јуни 2023 - 12:09