И ова не беше потег од една осамена држава, туку повеќе страни стандардно дијаметрално спротивставени (од Заливските држави предводени од Саудиска Арабија до Израел, Египет и Турција) како ретко кога координирани одеднаш кренаа рачна на исполнувањето на барањата на САД.
Иако САД ја доби поддршката од овие држави во осудата на Русија во О.Н., само Израел од сите нив наметна санкции против Русија, и тоа минимални. Процената е дека ова се должи на сè поважната улога што Русија ја игра во регионот, па никој од нив не сака да си направи поголеми проблеми со земјата, како и општото незадоволство од Вашингтон во меѓу државите од регионот.
Односите меѓу САД и Саудиска Арабија постојано се влошуваат од 2015 (кога Обама го потпиша Нуклеарниот договор со Иран) па до денес. Единствена нагорна линија во овие односи имаше во времето на Трамп, додека на другата страна на вагата натежнуваат намалувањето на американската поддршка за Саудијците во војната во Јемен и отворените критики на Бајден против престолонаследникот на Саудиска Арабија и општо против државата, главно поврзани со убиството на Кашоги и војната во Јемен.
На страна личните забелешки, во регионот сериозно се влошува и безбедноста на американските сојузници, па само во 2021 над 300 дронови и ракети на Хутите имаат експлодирано во Саудиска Арабија, а од неодамна тие започнаа со напади и во Емиратите.
Ова за Арапите е симбол дека САД не сакаат да им обезбедат доволна помош, па тие почнаа на друго место да бараат и дополнителни гаранции за својата безбедност - меѓу другите во Русија, Кина, Франција.
Нуклеарниот договор со Иран беше причина за напнување и меѓу САД и Израел, а истото се случи и со односот на САД кон Палестина. Напнатоста повторно се смири во времето на Трамп кога американската амбасада беше преселена во Ерусалим. Трамп исто така го напушти и Нуклеарниот договор со Иран.
Со доаѓањето на Бајден, САД пак пробуваат да го оживеат Нуклеарниот договор, а во исто време го критикуваат Израел околу ширењето на Западниот брег. Паралелно со ова Москва има се поголемо влијание врз Иран и Сирија, па Израел не е многу волен да излетува со одлуки во однос на Русија.
Во Египет и повеќе од 10 години подоцна останува чувството дека САД го напуштија Хосни Мубарак во време на Арапската пролет, по што власта во земјата се до воениот удар ја презема Муслиманското братство. Откако војската и Ел Сиси дојдоа на власт САД со килавење почнаа да ги обновуваат односите со Египет. Овие напори доживеаа сериозен удар кога во јануари годинава САД решија да скратат 130 милиони долари од воената помош на Египет заради прекршување на човекови права. По ова ентузијазмот на Египет за посилна реакција против Русија речиси исчезна.
Египет е и една од најдиректно погодените држави од војната, бидејќи зависи речиси исклучиво од Русија и Украина за обезбедување на залихи со храна. Од доаѓањето на Ел Сиси Египет почнува да развива и се поголеми воени и енергетски врски со Русија.
Турција речиси цела деценија има полоши и полоши односи со САД. Ердоган ги обвини САД дека биле вклучени во пучот против него, а Трамп воведе санкции против металуршката индустрија на Турција. По ова Турција стана прва членка на НАТО што го купила С-400 рускиот одбранбен систем, за што доби исклучување од Ф-35 проектот за нова генерација на воени авиони.
Од сите овие држави Турција е и географски најблиска до Русија, па има и најнапредни енергетски, туристички и трговски врски, Русија е најголемиот увозник на турски производи, а нивните односи продолжуваат да се развиваат и покрај неколку инциденти (соборувањето на руски бомбардер, атентатот на рускиот амбасадор, и поддршката за спротивставени страни во судирите во Либија, Сирија и екс-СССР републиките).
Дополнителна штета на позицијата на САД врши и постојаното менување на правецот на нивната надворешна политика во зависност од тоа кој е во Белата куќа (те се за, те против Нуклеарниот договор). Наспроти нив Русија веќе со години, на пример, нема отстапено од својата поддршка за Башар ал-Асад.
„Немајќи ништо ново што да им понуди, администрацијата на Бајден ризикува да ги види американските сојузници во регионот како полека се оддалечуваат,“ пишува Џон Рол во Азија тајмс.