Чешката полиција открила три кесички кокаин во службеното возило на митрополитот Иларион на Руската православна црква. Митрополитот своевремено важеше за најсилен кандидат да го наследи рускиот патријарх Кирил.
Колата минатата недела била запрена на автопат близу Прага по анонимна дојава. Митрополитот патувал од Карлови Вари кон Будимпешта, каде што има резиденција.
По првичниот претрес, Иларион поминал два дена во полициски притвор, а потоа заминал во Москва.
По скандалот со дрогата, РПЦ одлучила да го премести митрополитот на служба во Бразил.
Иларион ги отфрла како „неосновани“ извештаите што го поврзуваат со активностите на руските разузнавачки служби. Тврди дека скандалот му е наместен за да оправда санкции против високи свештеници во Руската црква вклучувајќи го и патријархот Кирил.
Меѓународниот кривичен суд ја затвори долгогодишната истрага за злосторства извршени од американските сили во Авганистан по 2003 година.
Првичната истрага беше одобрена пред шест години, но долго време беше замрзната. Судскиот совет сега заклучи дека Обвинителството повеќе не е способно ефективно да спроведува истраги и да обезбедува докази, што дополнително се усложнува поради времето што изминало од извршувањето на наводните злосторства.
Ќе продолжи посебен случај „Ситуацијата во Авганистан II“, кој се фокусира на наводни злосторства на талибанците по август 2021 година, вклучително и прогон на жени и девојчиња. Меѓународниот кривичен суд веќе објави налози за апсење на високи талибански лидери.
САД не се членка на МКС и ја отфрлаат неговата надлежност врз американските државјани. Вашингтон воведе санкции против судии и обвинители откако Судот објави меѓународна потерница по израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поврзана со злосторства во Газа.
Американскиот државен секретар Марко Рубио минатата недела го обвини Судот дека „го користи меѓународното право како инструмент на глобалните елити“.
Не сите веруваат дека отстранувањето на Хуанг Јенсен од Нвидиа се сведува на крими-трилер приказна каква што ѝ се нуди на јавноста, приказна за убава, згодна и вешта кинеска шпионка инфилтрирана како љубовница на кралот на чиповите.
Еден од таквите е Дејвид Сакс - поранешниот цар за вештачка интелигенција на Трамп, кој сега е копретседател на Советот на советници на претседателот за наука и технологија.
Во подкаст со уште неколку ИТ познавачи, се потсетува дека Јенсен беше еден од најголемите корпоративни опен сорс поддржувачи што беше голема главоболка на еден влијателен блок луѓе кои сакаа моделите и чиповите да се под построга контрола.
Шпионската приказна била само средство да се исполни главната цел.